Дамјан Цветановски и Григор Јовановски ги играат главните ликови во новата претстава „Емигранти“ на Драмскиот театар. Режијата и изборот на музика се на Зоја Бузалковска. На сценскиот дизајн и изведбата на сценографијата се потпишува Мартин Манев, извршната продукција, дизајнот на плакатот и дизајнот на звукот се на Павле Игновски, а дизајнот на светлото на Мартин Манев
– Да се престојува во подрумот, во сутеренот на животот… Да се биде заробеник на мечтите, илузиите, соништата, погрешно поставените тези. Да се слуша животот преку канализациските цевки и вентилациските отвори. Тоа се „Емигрантите“ на Славомир Мрожек, и тогаш кога е напишан овој брилијантен трагикомичен текст и денес. Секогаш актуелниот Мрожек, точен и болен до коска – се лепи како магнет за секоја пукнатина во надежите, за секое изневерено очекување, за секој изгубен правец, за секој распад на општеството, на личноста – вели Зоја.
Извонредна провокација за еден веќе искусен режисер и двајца бескрајно надарени млади актери.
– Брутално реалистичната приказна би можела да биде и нејзина и нивна, истовремено. Нејзина, онаа на заточеничка во својата возраст, во своите позиции во општеството во длабока криза, во своите длабоко пуштени корени тука, во својата потреба од конечна валоризација на еден живот посветен на други, ама на некое друго место, и нивната, онаа на луѓе на стартот на своите надежи и идеали, а веќе изморени од животот во општество што тврди дека некаде оди со јасна визија, а всушност стои во место, откако се родиле па до денес – истакнува Бузалковска.
Пикнати во една импровизирана соба во сутеренот на една зграда во голем европски град, двајцата емигранти АА, интелектуалец со политичка предисторија, и ХХ, простодушен човек од село, физички работник, се скриле од светот, заринкани во сопствените стравови, комплекси, наталожени сеќавања, проекции за самите себеси и претпоставки за себе како туѓи проекции, очекувања што не смеат да ги изневерат.
– Малиот човек наспроти големата метропола. Примитивизмот и самодоволноста наспроти европскиот концепт. Паланечка психологија на непрепознавање на прогресот од кој било тип, во која „човекот од народот“ секогаш останува на село во својот ментален судир со непознатото, а „политичкиот прогоненик“ ја изгубил смислата на својата борба во контекст на кој не му припаѓа и кој го прави маргинален. Емигранти од своите убедувања. Луѓе побегнати од самите себеси, независно од социјалното милје на кое му припаѓаат, од степенот на едуцираност, од интелектот… Скриени од светот, скриени од самите себеси. Работникот и интелектуалецот, во вечен судир на меѓусебно држење во заложништво. Претстава пресек на едно општество во распад. Општество на изгубени души – информира Бузалковска.
Бузалковска изрази благодарност до КСП „Јадро“, кој е иницијален носител на проектот и место на првата изведба на „Емигранти“, и до МКЦ, кое го овозможи континуитетот на развој и проби на патот до Драмскиот театар.