Интернационалниот филмски фестивал во Софија претставува целосна ретроспектива на творештвото на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски – неговите седум долгометражни филмови и две од краткометражните дела. Ова ќе биде бугарска премиера на неговиот најнов филм, „Кајмак“.
– Ретроспективата на целосното творештво е едно од оние специјални задоволства – гледаш каде ти оди гласот. Го поминуваш животот правејќи уметност, се внесуваш и жртвуваш и убаво ти е. И гледаш дека има луѓе што го следат тоа, твојата уметност ги радува, им значи, им влијае на тоа како размислуваат – подвлече Манчевски.
Милчо Манчевски е еден од ретките македонски режисери што ја имале честа да им бидат организирани десетина меѓународни ретроспективи на нивниот опус досега.
Манчевски ја има и честа да биде претседател на главното жири на 27-то издание на фестивалот, кој се отвори синоќа и ќе трае до 31 март.
– Во последните неколку децении, „Софија филм фест“ ѝ ги претставува на домашната публика делата на Манчевски, кои имаат извонредно влијание, демонстрираат мајсторско чувство за пресоздавање психолошки портрети и ѝ стануваат омилени на публиката. Годинава одлучивме за овој режисер од светски ранг да ги претставиме ретроспективно неговите филмови – соопштија од фестивалот.
Ќе бидат прикажани „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини мун“, „Врба“, „Кајмак“, „Четврток“ и „Крајот на времето“. Сите филмови се добитници на фестивалски и други меѓународни награди.
Проекцијата на „Кајмак“ е на 18 март, а ќе присуствуваат и режисерот и дел од актерката екипа.

Манчевски последен пат гостуваше во Софија во 2020 година, за да го претстави „Врба“, кога доби и специјална награда на фестивалот.
Жирито предводено од Манчевски треба да го избере добитникот на главната награда на фестивалот од 12 номинирани филмови, а ќе бидат доделени и награди за најдобар балкански филм, за документарен филм, за бугарски краткометражен филм и за најдобар филм на младински теми. Главно мото на годишното издание на СФФ е „зелената идеја“ за справување со климатските промени и заложбите за зголемување на „белите дробови“ на планетата Земја. СФФ ќе има свои изданија и во Пловдив од 17 март до 2 април, во Варна од 24 март до 2 април и во Бургас од 30 март до 7 април.
На почетокот на месецов, „Кајмак“ ја освои специјалната награда на жирито во престижната програма недела на режисерите на фестивалот „Фантаспорто“ во Порто, Португалија, а магазинот „Лаксанте“ го оцени филмот со четири ѕвезди и напиша: „Манчевски повторно создава моменти на голема емоционална и скулптурална убавина, со прекрасна фотографија, која успева да го одржи формалното единство, без оглед на тоа дали дејствува во комичниот или во драмскиот регистар. Резултатот е екстремно хуман и прекрасен филм, ама истовремено и филм што е искрен и суров. Уште еден пример за големината на кинематографијата на Милчо Манчевски“.
Во исто време, „Кајмак“ беше прикажан и на „Фест“ во Белград, каде што сите три проекции беа однапред распродадени, а актерката екипа од филмот, која присуствуваше на премиерата, доживеа огромен аплауз.

„Кајмак“ е седми филм на Манчевски и е црна комедија и критика на малограѓанскиот морал и на либералните тенденции во општеството. Беше најгледан филм во Македонија во 2022 година, а светската премиера ја имаше на филмскиот фестивал во Токио. Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, музиката е на „Дејниш стринг квартет“ и Игор Василев-Новоградска, кастингот е на Милка Анчевска, а маската на Марио Микисанти.