Македонските шахисти освоија три поени од можни пет, досега најмногу во едно коло
ШАХ – 23. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Mакедонските шахисти освоија три поени од можни пет, во 10-то, претпоследно коло на 23. Европско поединечно првенство (ЕП) во Врњачка Бања (Србија), што е најмногу за нив досега во едно коло. Четврта победа впиша Антон Златков (2.174, рангиран 455-ти на ЕП), кој го победи литванскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Роландас Мартинкус (1985, 431-от), ФМ Роберт Велески (2.106, 393-от) беше подобар од Турчинот Бејхун Сенел (1.904, 450-от), додека Давид Николовски (1.860, 458-от), ја забележа и втората победа во низа, овој пат против Србинот Саша Божиќ (1.839, 463-от). Нови порази доживеаја Стојан Велкоски (1.868, 455-от) од Хрватот Мирослав Кочовиќ (2.100, 399-от) и Дино Табаковски (1.692, 477-от) од Романецот Александру-Мирчеа Бутоло (2.027, 420-от).
Во пресрет на последното, 11-то коло, Златков со 4,5 поени засега е најуспешен македонски преставник, 309-ти, Велески е 385-ти со четири поени, Велкоски со три поени е 433-ти (плус 77,2 р.п.), Табаковски е 461. (плус 57,6 р.п.), додека Николовски е 468., и двајцата со по 2,5 поени.
Во силна конкуренција на 484 шахисти, од кои 40 шахистки (126 ВМ, четири ЖВМ, 103 ИМ, шест ЖИМ, 106 ФМ и девет ЖФМ) од 40 држави, на чекор до целта се Русинот Алексеј Сарана (2.688, рангиран 11-ти) и натурализираниот Романец со украинско потекло, Кирил Шевченко (со ист рејтинг, рангиран 12-ти), кои имаат по осум поени. Групата од 12 шахисти со по 7,5 поени ја предводи Украинецот Антон Коробов (2.658, рангиран 18-ти), кој беше во водство до осмото коло. Унгарецот Бенјамин Гледура (2.637, 23-ти) дотогаш беше во водство. Статистички гледано, во ова коло белите фигури славеа во 77 партии, црните во 62, додека 89 дуели завршија мирољубиво. Г.И