Разделба

ОСУМДЕСЕТ ГОДИНИ ОД ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА: ИЗВАДОК ОД КНИГАТА „ФЕЛИКС“ НА ВЕРА НИКОЛОВА

Утрината татко му го разбуди Феликса порано од обично и му рече што побрзо да ги обуе чевлите.
Во куќата сите возрасни веќе беа станати, правеа бали, ставаа во нив алишта и разни други ситни предмети, ги префрлаа работите и пак ги враќаа на истото место. Тетка Рашела плачеше и го лулаше бебето држејќи го во рацете. Мајка му ја облекуваше и ја милуваше Стела. Кога сакаше да ѝ ги обуе чорапчињата, слушнаа дека портата се отвора и Феликс виде како во дворот влегуваат тројца полицајци и еден човек во сива облека.
Мајка им застана, се здрви, ја прегрна Стела со двете раце.
Феликс погледна кон неа и очите им се сретнаа. Мајка му го гледаше преку жолтата главичка на Стела, го гледаше исплашено и страшно.

Татко им ѝ се приближи и ја зеде малата. Потоа го отвори големиот долап во ѕидот и ја остави внатре. Тогаш му рече на Феликс со зарипнат, сув глас:
– Влези и ти!
Стела почна да плаче. Но мајка ѝ пак беше тука со куклата. Пред белата убавица, Стела замолкна.
– Заспиј ја и молчете! – прошепоти мајка им, фрли на нив куп алишта и го затвори долапот.
Феликс јасно слушна како во кујната влегоа полицајците и човекот во сива облека што ги виде во дворот и како строго им заповеда на домашните што побрзо да се подготват и да тргнат со нив. Зборуваа на бугарски јазик, со многу пцости, и викаа, прашуваа дали имаат пари и злато. Го слушна татка си како им одговара дека немаат ништо. Слушна како тие претураат и ги отвораат чекмеџињата.
Едниот од нив викаше:
– Бргу, бргу… не губи време. Зарем не гледаш дека се сиромаштија, најобични скотови!
Тетка Рашела излезе прва и плачот сѐ послабо се слушаше. Некого го туркаа и го караа што оди толку полека – изгледа бабата. Излегуваа еден по друг. Феликс сѐ помалку и помалку можеше да ги распознава нивните гласови. Најпосле го слушна само гласот на татка си. На вратата некој го праша:
– Имате ли уште некого?
Татко им сосема мирно одговори:
– Нема никого.
Потоа излезе и во куќата остана само заплашувачка тишина.
На Феликс му се сакаше да викне по татка си, да го потсети: „А Стела, а јас, тате?“ Срцето му тупкаше лудо. Во тишината го слушаше само него. Се плашеше, го болеше поради оние зборови на татко му: „Нема никого“. Но, сепак, седеше во долапот колку што можеше потивко и не се помрднуваше.
На скалите викаше мајка му на Хеди. Колнеше и пискаше. Потоа почна да се губи и нејзиниот глас. Сите си отидоа. Настана глув целосен молк.
И Феликс и Стела беа сами…


Според писателот и публицист Мишо Китаноски, кој е автор на поговорот за книгата „Феликс“, која во 2014 година ја издаде Еврејската заедница на Македонија, темата за
холокаустот на еврејскиот народ во земјава, со нејзината појава, повторно стана достапна за нашите ученици како лектира и како сознание дека некогаш со нас заеднички живееле македонските Евреи. Тие ги делеле со нас и доброто и лошото. Ова не е само потсетување на холокаустот туку е и неодминлива трајна вредност на македонската литература за деца