Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации „ХЕМИ“ ги соопшти деветте финалисти на годинешните музички награди, а меѓу нив, како претставник од Македонија е Дина Јашари. Финалистите во овој избор пристигнуваат од девет држави од Централна и Југоисточна Европа: Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија.
Во оваа фаза на наградите, деветте музички изведувачи ќе имаат пристап до менторирање и обуки, кои целат кон развивање на нивните способности и вештини во комуникации и обезбедување приходи, со крајна цел да се поттикне нивната меѓународна кариера. Понатаму, тие ќе имаат пристап до ХМА-програма за турнеи што вклучуваат соработка со менаџери од Европа, активности за вмрежување со партнер-настани, како и награда од 2.000 евра за секој финалист.
Деветте исклучителни европски музичари имаат разновиден музички опсег: композициите на „Бедфокус“ од Чешка, кои мешаат жанрови и создаваат сонична фантазија; алтернативниот еренби и откачен звук на „Мана“ од Естонија; темната експериментална поп-фантазија на „Лиа Хиде“ од Грција; претопувањето на изворниот и електронскиот музички стил на „Фикчр“ од Унгарија; неосоул-мелодиите, сонливите хармонии и свежиот ритам на Дина Јашари од Македонија; импровизираниот фанки и груви џез на „Клаво“ од Полска; танцот на тапаните и клавијатури на електронската музика на „К нот К“ од Романија; силниот и жесток балкански денс-панк на „Маика“ од Србија и класичниот, сентиментален инди поп-рок на „Д кросроудс“ од Словенија.
Деветте финалисти беа избрани од вкупно 27 музички изведувачи номинирани во првата фаза на наградите. За финалистите одлучуваа гласовите на меѓународното жири во кое членуваат претставници на фестивали и изложбени конференции, музички сали, агенции за резервирање, музички асоцијации, институции за музички експорт и музичките медиуми.
Станува збор за талент–програма за изведувачи што се подготвени да ја развијат својата кариера и да освојат нов меѓународен пазар и публика. Организирани од Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации – „ХЕМИ“, европска иницијатива кофинансирана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, која се стреми да ги поддржи уметниците и професионалците од музичката индустрија во Чешка, Естонија, Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија.