Давид Николовски

По шестото коло во водство се Украинецот Антон Коробов и Гркот Стаматис Коуркоулос и двајцата со по 5,5 поени

ШАХ – 23. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Македонските шахисти освоија вкупно скромен еден поен од можни пет во шестото коло на 23. Европско поединечно првенство (ЕП), кое се одржува во Врњачка Бања (Србија) во 11 натпреварувачки кола. Првиот освоен половина поен го впиша и Давид Николовски (1.860, рангиран 458 на ЕП) во партијата против Србинката Анџела Димитријевиќ (1.863, 457.). Ремизира уште и прилепскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Роберт Велески (2.106, 393-ти) со Србинот Владан Митровиќ (1.871, 454-ти), додека другите се поразени. Антон Златков (2.174, 357.) од ерменскиот интернационален мајстор (ИМ) Армен Барсегјан (2382, 225-ти), Стојан Велкоски (1.868, 455-ти) од израелскиот ФМ Шакет Тиферет (2.219, 336-ти) и Дино Табаковски (1.692, 477.) од Израелецот Ејал Ној (2.161, 362.).
На пет кола до крајот, Златков е 371. со два поена, Велкоски е 433-ти (плус 42,4 р.п.), Велески е 445-ти и Табаковски е 447. (плус 38,4 р.п.), сите тројца со по 1,5 поен, додека Николовски е на 477-то место со половина поен.
На врвот на табелата, на Украинецот Антон Коробов (2.658, рангиран 18-ти), му си придружи Гркот Стаматис Коуркоулос (2.520, 101-ви), и двајцата сега имаат по 5,5 поени. Украинецот ремизира со натурализираниот Чех, Даи ван Нигуен (2.651, 22.), а Гркот го победи велемајсторот (ВМ) од Азербејџан, Етај Сафарли (2.608, 44-ти). Со пет поени следуваат осуммина шахисти, предводени од Нигуен.
На ЕП во Врњачка Бања, чиј просечен рејтинг на шахистите изнесува 2.310 поени, играат вкупно 484 шахисти, од кои 40 шахистки (126 ВМ, четири ЖВМ, 103 ИМ, шест ЖИМ, 106 ФМ и девет ЖФМ) од 40 држави. Г.И.