ПСЖ по петти пат во последните седум настапи е запрен во првата рунда од нокаут-фазата, овој пат од минхенски Баерн

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Фудбалерите на Милан, предводени од тренерот Стефано Пиоли, со одличен тактички пристап, успешно го минаа тестот во Лондон против Тотнем, зачувувајќи ја сопствената мрежа, и по пауза од 11 години се пласираа во четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ). Иако е далеку од Скудетото во Серија А, новиот двомеч во ЛШ на Милан му гарантира уште еден распродаден „Сан Сиро“, со што се чини веќе ги надмина очекувањата на клубот, кој минатото лето за нови засилувања потроши скромни педесет милиони евра. Голот на Брахим Дијаз од првиот меч се покажа како доволен за Милан, оти во Лондон сите пристапи кон неговиот гол од страна на Хари Кејн и Сонг Хеунг-мин беа затворени.
– Без разлика на сѐ, мислам дека направивме чекор напред оваа сезона. Лани не успеавме да излеземе од групата на Конференциската лига, а сега стигнавме до осминафиналето во ЛШ. Не е доволно секако, но е напредок. Тие се шампиони, а ние лани едвај од деветтото стигнавме на четвртото место во Премиер-лигата. За успех во ова натпреварување е потребен долг процес, не може брзо. Ако луѓето мислат дека 13-14 месеци се доволни за да станат конкурентни на високо европско ниво, тогаш апсолутно грешат – вели менаџерот на Тотнем, Антонио Конте.
Бундеслигашот Баерн Минхен, пак, со головите на Чупо Мотинг (61) и Серж Гнабри (90), со 2-0 го совлада на свој терен париски ПСЖ и по 21. пат се пласира меѓу осумте најдобри во ЛШ. За баварците, кои и на првиот дуел славеа со 1-0, предводени од амбициозниот тренер Јулијан Нагелсман, пласманот во четврт-финалето стана стандард, додека ПСЖ по петти пат беше запрен во првата рунда од нокаут-фазата во последните седум настапи во најелитното натпреварување, а неговиот тренер Кристоф Галтије стана првиот тренер на „светците“ од 2005 година што во својата дебитантска сезона на клупата на амбициозниот француски клуб не стигна до четврт-финалето во ниту едно натпреварување.
– Многу сме разочарани, но тоа е, мораме да се свртиме кон другите предизвици. Баерн има тим изграден за да ја освои Лигата на шампионите. Што се однесува до нас, ова беше максимумот. Немаме избор, ќе мора да се вратиме кон натпреварите во Лигата 1 – не го криеше своето разочарување напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе.
По првите четири осминафинални натпревари во ЛШ, во четврт-финалето пласман обезбедија Челси, Бенфика, Баерн и Милан. Г.И.


Осминафинале, двојки

Челси – Борусија Д. 2-0 (прв меч 0-1)
Бенфика – Бриж 5-1 (прв меч 2-0)
Баерн – ПСЖ 2-0 (прв меч 1-0)
Тотнем – Милан 0-0 (прв меч 0-1)
14 март
Манчестер С. – Лајпциг (прв меч 1-1)
Порто – Интер (прв меч 0-1)
15 март
Наполи – Ајнтрахт Ф . (прв меч 2-0)
Реал М. – Ливерпул (прв меч 5-2)