РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024

Изненадување во третото коло приредија Чешка, која го совлада Исланд, и Фарските Острови, кои беа подобри од Романија
Репрезентацијата на Турција оствари минимална победа 30-29 над Луксембург на гостински терен, во групата еден (каде што игра и Македонија), во третиот меч од квалификациите за ракометното ЕП 2024 (10-28 јануари) во Германија и со тоа ги впиша првите два бода. Мечот беше неизвесен, оти на трипати во завршницата резултатот беше нерешен (24-24, 28-28 и 29-29), а со голот на Омур Пеливан во последната секунда, Турците сепак обезбедија триумф.
Синоќа во Скопје беше закажан натпреварот од третото коло помеѓу Македонија и Португалија, а победникот од овој меч ќе ја заземе моментно првата позиција во групата еден со шест бода.
Од другите мечеви, изненадување приредија Чешка, која го совлада Исланд, и Фарските Острови, кои беа подобри од Романија. Преостанатите дуели од групите се играа синоќа.
Резултати, трето коло по групи: Луксембург – Турција 29-30 (група еден), Чешка – Исланд 22-17 (група три), Фарски Острови – Романија 28-26 (група четири), Холандија – Хрватска 32-27 и Белгија – Грција 24-26 (група пет), Грузија – Литванија 32-18 (група шест), Косово – Бих 22-25 (група седум) и Полска – Франција (група осум). Г.И.