Мразот на антарктикот го достигна најнискиот месечен обем во февруари, соборувајќи го претходниот рекорд поставен во 2017 година, соопшти службата за следење на климата на Европската унија.
Во извештајот објавен во вторникот, Службата за климатски промени Коперник (C3S) соопшти дека количината на антарктичкиот морски мраз е намалена за 34 отсто под просекот за февруари, пренесе Алџезеира.
– Нашите најнови податоци покажуваат дека морскиот мраз на Антарктикот го достигна најниското ниво во последните 45 години, според следење на сателитските податоци – рече заменик-директорката на C3S, Саманта Бурџис.
– Овие услови на низок морски мраз може да имаат важни импликации за стабилноста на ледените гребени на Антарктикот, но и на глобалното зголемување на нивото на морето – додаде Бурџис.
Во извештајот се наведува и дека минатата зима била „втора најтопла досега во Европа, со температури над просекот во Источна Европа и делови од Северо-Источна Европа“.
За поголемиот дел од Западна и Југоисточна Европа, зимата беше со помалку врнежи од просекот – се додава во извештајот.
Намалувањето на ледените плочи е голем проблем, бидејќи помагаат да се забрза глобалното затоплување.
Речиси 90 проценти од сончевата енергија што паѓа на белиот морски мраз се рефлектира назад во вселената. Но, кога сончевата светлина ќе ја погоди темната, незамрзната вода на океанот, речиси иста количина од таа енергија се апсорбира, што директно придонесува за планетарното затоплување.
Регионите на Северот и Јужниот пол се загреале за околу три степени Целзиусови во споредба со нивоата од крајот на 19 век – три пати повеќе од глобалниот просек.
За разлика од морскиот мраз во северниот дел на Арктикот, кој се намалува за три проценти годишно од доцните 1970-ти, морскиот мраз на јужниот дел на Антарктикот остана релативно константен во истиот период, иако со големи годишни варијации.
Меѓутоа, во текот на изминатите осум години, минималното ниво на морски мраз во Антарктичкиот океан е постојано под просекот од 1991 до 2020 година.
Антарктикот се соочи со својот прв регистриран топлотен бран во 2020 година, со невидени 9,2 степени Целзиусови над просечниот максимум. Во март минатата година, истражувачки центар на источен Антарктик забележа температури кои скокнаа за 40 Целзиусови степени над нормалата.
Неодамнешната ледена покривка за време на австралското лето најмногу се намали околу Западен Антарктик, кој е почувствителен на влијанијата на глобалното затоплување отколку многу поголемиот Источен Антарктик.
Рекордна минимална површина на морски мраз на Арктикот – 3,4 милиони квадратни километри – е забележана во 2012 година, со втората и третата најмала површина покриена со мраз во 2020 односно во 2019 година.
Во 2021 година, Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени предвиде дека „голема е веројатноста“ Арктичкиот океан ќе остане практично без мраз во септември барем еднаш до средината на векот.