На штотуку завршениот меѓународен фестивал на изворен фолклор „Тодорица“ што се одржа во Свети Николе, КУД „Седми септември“ од Македонски Брод го освои второто место, во конкуренција на 12 фолклорни ансамбли од земјава и од странство, што е значајно достигнување ако се има предвид големината на градот од каде што доаѓа.
– На меѓународниот фестивал на изворен фолклор „Тодорица“ во Свети Николе, нашето културно уметничко друштво освои второто место. На фестивалот учествуваа групата „Ѓердан“ од Скопје, КУД „Осми октомври“ од Крива Паланка, студиото „Фолклор“, фолклорниот ансамбл „Мугри“ од Кочани, КУД „Моравац“ од Кичевац, Србија, и други. Нашето друштво со одлична изведба се избори за висок пласман, а и аплаузите на присутната публика беа најдобра потврда за перфекцијата со која ја изведовме нашата програма – истакна Милена Стојческа, директорка на Домот на културата во Македонски Брод, под чија закрила работи и КУД „Седми септември“.
Директорката потсети дека ова друштво има исклучително млад состав според годините на членството, но редовната работа и талентот придонесуваат за наградите што ги добиваат на сите фестивали каде и да настапат. З.А.