Фото: МИА

Уставниот суд на денешната седница оцени дека е неуставно ограничувањето на изборот на претседателот и негов заменик на Судскиот совет само на членовите кои се избрани од Собранието, додека останатите членови на Советот со право на глас се исклучени, и го укина член 8 став 3 во делот „кои се избрани од страна на Собранието на Македонија“, од Законот за Судски совет на Македонија.

Целосната одредба гласи дека претседателот на Советот и неговиот заменик се избираат од редот на членовите на Советот со право на глас, кои се избрани од страна на Собранието на Македонија, додека според Уставниот суд, укинатиот дел од наведениот член е спротивен на владеењето на правото и поделбата на државната власт.

Уставниот суд, исто така, ја поништи и Одлуката на Општина Куманово со која се овозможува да се градат станбени згради надвор од централното градско подрачје, односно: „Одлука за спроведување и планирање на површини на градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централното градско подрачје во граница на градежен реон на Куманово, број 09-5643/4” од 12 јули 2022 година. Поништен е и Заклучокот бр.08-5915/1  донесен на 12 јули 2022 година за објавување на Одлуката во која се содржани оспорените одредби.

Судот оваа Одлука ја оценува како спротивна на владеењето на правото предвидено во член 8 од Уставот, спротивна на  член 51 и член 52 став 4 кој предвидува дека законите и другите прописи не смеат да имаат повратно дејство, како и спротивна на член 23 став 1, членот 24 и членовите 55 и 56 од Законот за урбанистичко планирање.

Имено, Уставниот суд оцени дека со Одлуката директно се влијае на веќе започнатите постапки за добивање на одобрение за градење и се наметнува обврска на граѓаните кои имаат започнати постапки, а не добиле потврда за заверка на проектната документација, повторно од почеток да ја почнат постапката.

Уставниот суд смета дека ова води кон правна несигурност, а граѓаните се соочуваат со тешко отстранливи последици.