Архитектот Вангел Божиновски, во Скопје, одржа предавање насловено „Куќата на Адам во рајот“

Македонскиот архитект Вангел Божиновски, на 2 ноември, одржа предавање во конференциската соба на хотелот „Опера хаус“ насловено „Куќата на Адам во рајот“, при што публиката доби несекојдневна можност да се соочи со историски факти што говорат за постоењето на македонската архитектура, и воопшто, на културата пред 19 век. Тој век, според Божиновски, неправедно се смета дека го означува периодот на појава на македонската архитектура.

Архитектот во своето предавање го истакна несоодветното претставување на македонската историја на архитектурата во наши и во светски книги и енциклопедии, со исклучиво претставување на периодот од споменатиот век и периодот по скопскиот земјотрес во 1963 година.

– Македонскиот 19 век во нашиот образовен систем е прикажан како единствна преродба и дека сѐ што се случува денес во Македонија почнува таму. Основната работа што се предава на Архитектонскиот факултет, соодветниот предмет не носи наслов Македонски 19 век, туку Историја на архитектура. За историја на македонската архитектура на младиот градител, му поставуваат еден систем дека кај нас архитектурата почнува во 19 век, а тоа што е пред тој век дека не припаѓа на оваа нација, на оваа култура. Пример за тоа е анонимната архитектура и куќата на 19 век. Кога ќе го сместите тоа во другите предавања поврзани со историјата на архитектурата, забележувате дека другите имаат некаков континуитет, кој оди далеку подлабоко од тоа што вие овде го имате и вие сте ставени во една ситуација да видите дека сте целосно нова култура на која ѝ се потребни повеќе од 4.000 години за да започне со архитектура – рече меѓу другото Божиновски.

Во текот на предавањето беа прикажани факти, кои, како што напомена познатиот архитект, ја потврдуваат уникатноста на архитектурата на овие простори уште од палеолитот и неолитот, факти што говорат за филозофската, религиозната и практичната причина за формата во која биле градени тогашните куќи. На пример, формата на „мајка“, форма што го слави сонцето, форма што значително ја разликува македонската архитектура од сите други и која суптилно се пренесува низ вековите, па може да се препознае и денес во формата на низа примери, како куќата на Крапчевци и Канео.

Предавањето на Вангел Божиновски поттикна прашања и размислување за тоа колку се знае историјата на земјава и колкав дел од неа е всушност само препишан и, се разбира, колку истражувања во иднина се потребни.
И.Б.Р.