Врз основа на добиените негативни наоди од Институтот за јавно здравје, Комисијата за спречување на интрахоспитални инфекции при прилепската болница донесе одлука од утре, 28-ми февруари, болничките одделенија да продолжат со оперативните програми притоа почитувајќи ги принципите за асепса, дезинфекција и стерилизација. Ова денеска преку писмено соопштение го информираа од ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“.
Од Комисијата за интрахоспитални инфекции велат дека по неколку дневни испитувања на околу 150 примероци во насока на превенција од појава на интрахоспитални инфекции била одложена оперативната програма.
– По добивањето на негативните наоди, со корекција на одредени состојби – наоди со контаминанти Комисијата заклучи дека работата во операционите сали може да продолжи – се вели во соопштението од Комисијата за ИХИ.
Во болницата не се вршеа операции десетина дена откако почина пациентка на 52 години по сепса. Истрагата во врска со овој случај е во тек.