Фото: Пиксабеј

Пропаганда, дезинформации, социјални алгоритми, напади на приватноста… поважно од кога било за младите е да бидат медиумски писмени за да можат да ги разберат и да ги користат новите медиуми и алатки за комуникација на општествено корисен и безбеден начин.

Младите луѓе немаат доверба во медиумите и традиционалните извори на информации, и се потпираат на извори на информирање од различните социјални медиуми кои често сеат дезинформации и пропаганда. Тие се поповрзани од кога било, но во исто време се оддалечени од општеството.

Како можат новите медиуми и медиумската писменост да им помогнат на младите не само повторно да стекнат доверба во медиумите туку и да научат да ги користат за позитивни промени во општеството? Дали образованието може да биде во чекор со темпото на развој на технологијата или е осудено секогаш да биде чекор поназад? Како новите медиуми можат да поттикнат граѓански активизам?

Истакнати експерти како Ирене Андриопулу, заменик-генерален секретар на Меѓународниот управен комитет на Алијансата за медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, Паоло Челот, основач и генерален секретар на ЕАВИ, Џеф Шер, предавач и едукатор во Ју-Си-Ел-Еј (САД), Дамасо Рејес, меѓународен консултант на „Њуз литераси проџект“ (News Literacy Project) – ќе дискутираат за овие прашања на меѓународниот симпозиум „Да си го вратиме назад просторот за дигитални информации“, кој го организира Институтот за комуникациски студии (ИКС), задутре во Хотел Александар Палас, Скопје, со почеток во 9.30 часот.

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ

ПРИЈАВА ЗА УЧЕСТВО

Симпозиумот се одржува во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост, „Младите размислуваат“, кој го спроведува ИРЕКС заедно со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ). Активностите на проектот се овозможени со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД).