Црквата на чешките земји и на Словачка ја призна МПЦ-ОА
На својата седница, одржана на 7 февруари 2023 година, Синодот на Православната црква на чешките земји и на Словачка ги разгледа и ги прифати одлуките на Вселенската патријаршија за враќање на нашата света црква во евхаристиско општење со сеправославната екумена и на Српската патријаршија за доделување автокефален статус на нашата Македонска православна црква-Охридска архиепископија.
Во времето на апсолутната медијализација на стварноста, во кое се раѓаат и една нова култура и едно ново дискретно поимање на верата, митологијата и нејзино распоредување во кибер-просторот, еве уште една епизода во сапуницата признавање, непризнавање, братимење, сестринство, автокефалност…
Во зоната во кој нема граници ни власт, врховниот мит, поимот „бог“ е веќе вгнезден (според Гугл) во над 45 милиони страници и практично и нашите души и нашите информациски тела се во своевидна блиска средба и општење со „оностраноста“. Дали можеби несвесно, без своја волја, сме трансформирани во облик на чиста апстрактна егзистенција, која по извесен медиумски протокол и согласност нѐ кооптира и преобразува во функција на комуникациските медиуми.
Интернетот и глобалните медиумски алатки во голема мера ги артикулираат и ги раздвижуваат општествените норми, го насочуваат и го формираат нашето поведение како објективен корелатив на технолошко-информацискиот подем, епоха што по либерализмот на духот што преовладува во него слободно може да се окарактеризира како галактичко постмодерна.
Темпото и динамиката на настаните и содржините од нашето секојдневие, кое е исполнето со шокантна непредвидливост, од нас бара да се сообразиме со предизвиците и молскавичниот ритам на промените и својата перцепција, капацитет и концентрација да ги насочиме кон сферата на виртуелните трансформации, каде што пред спознанието се отвораат нови неомеѓени перспективи.
„За мене бог е компјутерот, и вселената и секое сегашно минато и идно совршенство ќе го вградам во него“, изјави во едно од ретките интервјуа гуруто на информатичките метаморфози Бил Гејтс, со што всушност ја антиципира и можноста за виртуализација на верата и претворање на надежта во бројки. Црква на интернет е еден од многубројните и изуми на технолошко-информациските преобразби. Бог претворен во бројки и со кого ќе можете да комуницирате без прелиминарни ритуали и посредници.
Освен практичните аспекти на овој најнов изум на постинформациската епоха, битно е да се напомене и демократскиот потенцијал, кој оваа брилијантна идеја ја претвора во моќно орудие на спознајно разнообразие, со кое верниците ќе можат да ги практикуваат верата и надежта, да се навикнуваат на различностите, да вежбаат толеранција и да негуваат почит кон другите.
Виртуелната црква е убава можност за нивелирање на последиците од многубројните шизми што се причина за големите омрази и делби, вгнездени во менталната структура на верниците како духовни хипотеки што се потенцијален извор на многубројни недоразбирања и конфликти.
Во тој хипотетички амбиент Македонија, прекрасна земја со љубезни, мирни и гостопримливи луѓе, и во неа Македонската православна (виртуелна) црква, продолжувач на Охридската архиепископија, претворена во бројки и со помош на глобалната медиумска инфраструктура, преку Хотбрд или некој од многубројните сателити ќе се доближи до верниците во Канада, Америка, Австралија, Нов Зеланд и со едноставни математички операции ќе ги избегне стапиците што ѝ ги поставуваат Грчката и Српската црква и без посредство на руската арбитража ќе повика на галактичка виртуелна екумена.
Владата на редовна седница ја разгледа и ја усвои иформацијата од Министерството за внатрешни работи околу потребата од изработување план за воспоставување национален електронски идентитет за секој граѓанин и го разгледа и прифати планот, заедно со план за реализација.
Целта, како што велат од Владата, е доделување електронски идентитет на граѓаните на Република Македонија, што, според посочувањето од Министерството за внатрешни работи, треба да е „носечки столб за дигиталната трансформација на општеството, со тоа што ќе овозможува унифициран пристап за користење на електронските услуги и размената на податоци, како во државата така и пошироко, надвор од неа.
Аљоша Симјановски