„Внимавајте на вашите ќерки, мајки, сопруги, баби, сестри“, гласи предупредувањето што неколку дена се шири на социјалните мрежи, а чија цел е да ги информира граѓаните дека криминалци ограбуваат припаднички на понежниот пол, обидувајќи се да им ги одземат чантите, а дополнително и дека крадат во станови во оваа скопска населба. За граѓаните, причина за ваквите инциденти се рестрикциите на уличното осветлување, поради што криминалците се охрабрија да ги зачестат нападите врз граѓаните. Од своја страна, МВР смирува и информира дека не е регистриран зголемен број напади
ГРАЃАНИ ВО ПАНИКА, ПРЕДУПРЕДУВАЊА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ЗА РАЗБОЈНИШТВА, МВР СМИРУВА
Според долгогодишните анализи на реализираните криминални дела, разбојништва со напад врз луѓе, криминалистиката заклучила дека понежниот пол и постарите лица се многу полесни цели за криминалците. Овие две категории граѓани се лесна цел бидејќи немаат можност да изреагираат како мажите на возраст од 20 до 50 години. Иако и науката евидентирала случаи во кои жените успешно се справиле со напади од криминалци што се обидувале да им украдат накит или чанта, сепак таквите случаи споредбено со нападите врз мажите што успешно се справиле со напаѓачот се многу помали. Сепак, за криминалците најдобар „плен“ се жените, и тоа посебно постарите, бидејќи немаат можност да се изборат со нивниот напад.
Таков е неодамнешниот случај во кој социјалните мрежи беа преполни со предупредување до понежниот пол, бидејќи, според многумина, во скопската населба Карпош 4 оперираат брутални разбојници чија цел се токму жените.
ГРАЃАНИТЕ МЕЃУСЕБНО СЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ
Граѓаните меѓусебно се предупредуваат со фотографирање на инцидентите од надзорните камери. Таква фотографија и кружи на социјалните мрежи. На фотографијата се гледа како маж напаѓа жена, обидувајќи се да ѝ ја одземе чантата. Без никаква заштита на лицето, тој слободно ги демне и ги чека своите жртви во влезовите.
„Внимавајте на вашите ќерки, мајки, сопруги, баби, сестри“, гласи предупредувањето што неколку дена се шири на социјалните мрежи, а чија цел е да ги информира граѓаните дека криминалци ограбуваат припаднички на понежниот пол, обидувајќи се да им ги одземат чантите, а дополнително и дека крадат во станови во оваа скопска населба
– Соседи, само што добив информација, па сакам да ја споделам со вас, за да бидете претпазливи, посебно жените. Последниот период во Карпош 4 нападнати се 11 жени на влез од зграда и обиени се 70 стана – гласи предупредувањето.
Се обидовме да стапиме во контакт со човекот што го напиша предупредувањето и со жители на Карпош за да дознаеме за што точно станува збор, со оглед на тоа што од Министерството за внатрешни работи велат дека бројката воопшто не е таква како што е наведено во предупредувањето.
Од неколкутемина жители со кои разговаравме дознавме дека имале неколку случаи во кои жени при влез во нивните згради биле нападнати од криминалци и како главна причина за тоа ги наведуваат мерките за штедење со кои драстично се намали осветлувањето на улиците и пред зградите.
– Инцидентот што беше објавен на социјалните мрежи ѝ се случи на мојата сосетка од влезот во кој живееме и, за жал, не е прв и единствен случај. За среќа, сосетката е добра, случајот беше пријавен во полиција, а криминалецот беше фатен. Неодамна кај трговскиот центар „Антико“, кој е лоциран во Карпош 4, исто така беше нападната жена, на која ограбувачот се обиде од врат да ѝ го украде златното ланче. Бидејќи живееме тука, запознаени сме со сите случаи. Кај нас тука оперираат и ситни џепчии по автобусите. Тие начекуваат можност и крадат од патниците – вели жител на Карпош 4, кој сакаше да остане анонимен.
РЕСТРИКЦИИТЕ НА УЛИЧНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ КАКО ПРИЧИНА?
Тој тврди дека најголемиот проблем се мерките за штедење и немањето доволно осветлување во населбата. Според човекот што се согласи да разговара на оваа тема, сите жители се вознемирени. Вели дека иако е маж и нему не му е сеедно кога треба во темница да излезе надвор.
– Јас сум маж, па морбидно ми е кога излегувам навечер надвор. Кога членови од моето семејство доаѓаат или излегуваат од дома, редовно ги пречекувам и ги испраќам. Не би сакал да доживеат ваков инцидент – вели тој.
И другите карпошани велат дека ова што се случува е страшно.
– Карпош е во темница. Има осветлување, но тоа е драстично намалено во споредба со она на што сме навикнати. Да му е страв на човек да излезе да фрли ѓубре или да оди во продавница во попладневните часови – вели жителка на Карпош.
И Љупка Андоновска, чија мајка живее сама во стан во Карпош и е пензионерка, вели дека од соседите слушнала за овој проблем. Вели дека сега се на штрек, посебно затоа што се знае како функционираат таквите криминалци.
– Неколку дена ќе ја следат и ќе сфатат дека живее сама и толку ќе биде. Не ми е што ќе влезат кај неа дома, нема што многу да украдат од пензионер, меѓутоа стравот и паниката што ќе ѝ ги предизвикаат не можат со ништо да се поправат. Токму поради тоа периодов задолжително одиме секојдневно до кај неа, пазариме што ѝ е потребно, за да се види активност во станот, да не се види дека е сама – вели Андоновска.
ШТО ВЕЛИ МВР?
Дали станува збор за инцидентни случаи, за кревање непотребна паника помеѓу жителите или, пак, за нешто повеќе, сега засега нема информации.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека станува збор за дезинформации.
– Во согласност со статистичките податоци, во периодот од 1.1.2023 до 14.2.2023 година, на подрачјето на ЕВР-Карпош се пријавени 2 (две) тешки кражби во куќи и 4 (четири) тешки кражби во станови за кои се преземаат мерки и активности за нивно расчистување.
Во однос на делот од прашањето за наводни напади на 11 жени на подрачјето на ЕВР-Карпош, во период од 1.1.2023 до 14.2.2023 се пријавени 2 (две) тешки кражби на дрзок начин и 1 (едно) кривично дело обид за разбојништво. Кривичните дела се расчистени и против лицето Д.М. (39) од Скопје е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство – информираа од министерството.
ТЕМНИТЕ УЛИЦИ БЕА ПРОБЛЕМ УШТЕ ВО СЕПТЕМВРИ
За потсетување, „Нова Македонија“ уште во септември направи анализа за можните импликации врз граѓаните што би се наметнале од мерките за штедење, кои главно вклучуваа гасење на уличното осветлување. Како последица на тоа, многу улички беа темни и небезбедни за движење на пешаците.
До нашата редакција уште тогаш пристигнаа голем број поплаки од граѓаните, меѓу кои најмногубројни беа токму реакциите на карпошани, кои изјавија дека биле зголемени кражбите од нивните дворови поради темницата. Тие тогаш нагласија дека се исплашени и за сопствената безбедност, бидејќи во такви услови тие се лесна цел за крадците, кои за да остварат некаква заработка не избираат средства и методи.
Дека уште тогаш имаше зголемен број кражби потврдија и од МВР, од каде што изјавија дека за само две недели, односно, од први до 15 септември биле евидентирани дури 13 кражби од дворови.
– Од нив осум кривични дела се гонат по службена должност и пет кривични дела се гонат по приватна тужба. Од нив пет кривични дела се извршени во ноќните часови – информираа тогаш од МВР.