Фото: Тони Гламчевски

Франција и денес е под силен притисок од продолжените ученички протести, кои веќе трета недела се случуваат низ земјата. Средношколци и студенти блокираат училишта и излегуваат на улиците, барајќи повеќе средства за образованието, подобри услови за учење и повеќе наставен кадар.Во дел од градовите, сепак, протестите прераснаа во сериозни инциденти со полицијата и оштетување на јавниот имот.

Во Нанси, каде што протестите се особено забележливи последните денови, повторно се регистрирани тензии околу средните училишта. Локалните медиуми известуваат дека и денес има протестно движење пред гимназијата „Анри Поенкаре“, додека во другите делови на градот се очекуваат дополнителни собири. Сликите од градот Нанси, од каде добивме фотографии и видео-клип, покажуваат дека дел од младите користат канти за отпад како барикади, а како и во претходните денови, и денес имаше и нивно палење. Вчера и денес во Нанси повторно беа пријавени мноштво запалени канти за отпад на улица, и на повеќе места, по што интервенирале пожарникари под полициска заштита. Според обвинителството во Нанси, од 30 септември до 6 октомври биле приведени 109 лица. Од нив, дури 90 биле малолетници. Најголем дел од постапките се однесуваат на недозволени собирања, но има и случаи поврзани со напади врз службени лица и оштетување имот.

Тензиите не се ограничени само на Нанси. Протести, блокади и инциденти се регистрирани во повеќе француски градови, меѓу кои Париз, Нант, Рен и Марсеј. Во дел од демонстрациите биле палени предмети, оштетувани автобуски постојки и доаѓало до судири со полицијата.

Во Париз денес полицијата употреби солзавец при растерување на демонстранти кај една средна школа. Властите се соочуваат со растечки притисок да го смират движењето без дополнително да ги ескалираат судирите.

Францускиот премиер Себастијен Лекорни најави мерки за одговор на кризата до крајот на октомври. Но, ветувањата засега не го запреа протестното движење.

Според актуелните податоци, стотици училишта и натаму се погодени од блокади или прекини. Иако бројот на затворени училишта опаѓа, протестите продолжуваат во повеќе региони.Особено загрижувачки за властите е што дел од мирните ученички протести се мешаат со улични нереди и насилни инциденти. Токму градот Нанси е еден од градовите каде оваа граница последните денови станува сè понејасна. Сепак, важно е да се нагласи дека не сите демонстранти учествуваат во насилството. Голем дел од протестите и блокадите се одвиваат мирно и се фокусирани на образовните барања.

Денешната слика на Франција во сериозна. Следните денови ќе бидат клучни за тоа дали протестите ќе се смират или ќе прераснат во поширока конфронтација меѓу младите, владата и безбедносните сили.

Фото: Тони Гламчевски
Фото: Тони Гламчевски
Фото: Тони Гламчевски
Фото: Тони Гламчевски
Фото: Тони Гламчевски
Фото: Тони Гламчевски
Фото: Тони Гламчевски

Тони Гламчевски