Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека се доделени 33 нови полициски мотоцикли и комплетна заштитна опрема за сообраќајната полиција, во вкупна вредност од над 16,8 милиони денари.
На настанот присуствувал заедно со претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Горан Ангеловски, при што посочи дека опремувањето е резултат на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и РСБСП.
– Ова е уште еден конкретен резултат од одличната соработка меѓу МВР и РСБСП, со која ги зајакнуваме капацитетите на полицијата и вложуваме во побезбеден сообраќај – наведе Тошковски во објава на Фејсбук.
Министерот истакна дека со проектот „Безбеден град“, модернизацијата на полициската опрема и засилените контроли се преземаат мерки за намалување на сообраќајните несреќи, како и на бројот на загинати и повредени лица.
– Зад секоја статистика стои човечки живот. Ако со сите овие мерки успееме да спасиме макар и еден човечки живот повеќе, секој вложен денар и секој вложен напор вределе – порача Тошковски.
Тој додаде дека институциите продолжуваат со активности насочени кон зголемување на безбедноста на патиштата и создавање услови граѓаните побезбедно да се движат во сообраќајот.






































