Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги предупреди украинските власти дека дошол решавачкиот момент за промена на текот на војната. Имено, според „Вашингтон пост“, „претставници на Белата куќа веруваат дека Русија ќе започне поголема офанзива, а Украина ќе може да започне контраофанзива за да ја врати изгубената територија“

Војна или мир

Американските власти што го посетија Киев во јануари, вклучувајќи го и шефот на ЦИА, Вилијам Барнс, во таа пригода им рекоа на украинските власти дека „следните месеци ќе бидат критични“.

Вашингтон: Киев прави стратегиска грешка
Зошто воените аналитичари во Вашингтон сметаат дека Киев прави стратегиска грешка? Имено, САД веруваат дека на украинските сили ќе им биде тешко истовремено да го одбранат Бахмут во Донецката област, за која се водат повеќемесечни борби, а паралелно да започнат пролетна контраофанзива за враќање на териториите, што САД го сметаат за поважно. Соговорниците на „Вашингтон пост“ предупредуваат дека ако Украина продолжи да се бори каде и да ја испрати Русија својата војска, тоа ќе оди во полза на руските власти.
„Вашингтон пост“ анализира дека политичката димензија е исто така важна. САД го засилија притисокот врз Киев поради очекувањата дека на Белата куќа ќе ѝ биде потешко да го натера Конгресот да ѝ даде на Украина ист износ на помош како порано, бидејќи некои републиканци се залагаат за намалување на помошта. Администрацијата на Џо Бајден соработува со Конгресот на обезбедување помош од 10 милијарди долари за Украина, а на годишнината од руската инвазија се очекува да биде објавен нов пакет помош, заедно со нови санкции против Русија. Иако американските власти велат дека се подготвени максимално да ја поддржат Украина, Вашингтон предупредува дека до летото Киев ќе го исцрпи сегашниот пакет на нивната помош.

Тајната посета на директорот на ЦИА на Киев

Како што споменавме погоре, неодамна „Вашингтон пост“ објави дека директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, дошол во тајна посета на Киев во средината на јануари. Според весникот, директорот на ЦИА го информирал украинскиот претседател Володимир Зеленски за неговите очекувања во врска со „руските воени планови во наредните недели и месеци“. Некои медиуми објавија дека шефот на ЦИА му понудил на Киев „мир во замена за земја“, а на Москва – „земја во замена за мир“, но двете страни ги одбиле предлозите. Имено, Украина одби да отстапи една петтина од својата национална територија, а Русија одби затоа што верува дека ќе ја добие војната на долг рок.
Во Вашингтон споменатата „вест“ ја опишаа како „апсолутна лага“, а западните сојузници на Украина повторуваат дека ќе го поддржуваат Киев „колку што е потребно“. Сепак, останува фактот дека сѐ повеќе се креваат гласови дека војната во Украина нема да може да се продолжува на – „неодредено време“. Така, во понеделникот дури (антипутинскиот) портал „Медуза“ објави анализа, чиј заклучок е дека Русија е огромна земја, која сѐ уште има многу ресурси и, што е најважно, има способност да ги мобилизира овие ресурси. Покрај тоа, војната не се води на руска територија, што значи дека, во стратегиска смисла, Кремљ може да верува дека има многу опции за понатамошни воени дејства на украинска територија.

Поддршката за Украина останува, но таа не е оди толку мазно

Снабдувањето со западни тенкови за Украинците сигурно ќе биде корисно и во одбрана и во офанзива, но ветените возила допрва треба да се реактивираат, да се поправат, да се обучат екипите и да се најде доволно муниција. Затоа, големо прашање е дали најавените испораки ќе бидат одлучувачки. Покрај тоа, на Запад веќе има проблеми со производството на гранати за артилериски системи. Тоа изгледа комично и оди на сметка на пропустите на разузнавањето на Русија, бидејќи токму Кремљ со години ги убедуваше сите дека НАТО се подготвува да ја нападне Русија и одеднаш, кога започна војната, се покажа дека ниту Европа ниту САД немаат капацитет да произведат толку многу оружје!? Засега тоа не е критичен проблем, бидејќи воените аналитичари предупредуваат дека тоа се амортизира со „преземање гранати и од сојузничките складишта“.
Точно дека се покажува дека гореспоменатото не е голем проблем за САД, но сепак покажува дека „целиот западен свет не бил подготвен за голема глобална војна“ и во економска смисла.
Поддршката за Украина останува, но таа не е толку идеална и европските граѓани сѐ повеќе се загрижени, како поради економските последици така и поради „можната нуклеарна војна со Русија“.

Подготвил: Mарјан Велевски