Во услови на тековни длабоки политички превирања во Бугарија се основани две нови партии што ќе учествуваат на општите избори на 2 април, кои се петти парламентарни избори во Бугарија во последните две години

Две нови политички партии се приклучуваат во парламентарните избори во Бугарија на втори април

Партијата Заедно, која беше основана изминатиот вторник, е новата партија на бугарското политичко небо. Во неа членуваат познати бугарски политичари. Партијата ќе учествува на општите избори на 2 април, петти во земјата во последните две години. Заедно се издигнува од згаснатото огниште на Има таков народ, партијата формирана во 2020 година од еден од најпопуларните естрадни уметници во земјата, Слави Трифонов, кој победи на изборите во јули 2021 година, но потоа не освои ниту едно место на изборите во октомври 2022 година.
Има таков народ во владејачката коалиција стана „неадаптибилниот дел од реформската коалициска влада“ на Кирил Петков 2021-2022 година. Истата партија потоа директно придонесе за соборувањето на кабинетот на Петков во јули минатата година, откако ја напушти коалицијата и де факто се приклучи кон поранешниот премиер Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ во опозиција.
Имено, во Бугарија во оптек во јавноста се пушта информацијата дека таа партија, всушност, „се откажала од владејачката коалиција поради историските амбиции за Македонија“, но всушност постојат низа индикатори дека всушност преку таа маска, „партијата Има таков народ се обидува да спречи истрага за шемата за правење пари во која се вклучени државниот и приватниот бизнис околу бугарско-турската граница“. Иако веќе нема пратеници, партијата сѐ уште постои, иако шансите за изборно враќање се минимални.
Новата партија Заедно е предводена од поранешните членови на Има таков народ, Ива Митева, претседателка на Народното собрание, и Љубомир Каримански, гласен критичар на експремиерот Петков. Тие останаа нејасни околу тоа дали гледаат на партијата на Борисов, ГЕРБ, или на Петков како потенцијални сојузници.
– Верувам само во себе – рече Каримански на првата прес-конференција на партијата.
– Прво да се обединиме, па потоа да одлучиме дали сме лево или десно – рече Митева.
Деновиве и поранешната омбудсманка, претседателка на Народното собрание и членка на Бугарската социјалистичка партија, Маја Манолова, го објави формирањето на Левичарите, сојуз што се состои од други левичарски фракции, главно создадени од поранешни членови на Бугарската социјалистичка партија. Во него се појавуваат партијата на Манолова, Стенд ап Бугарија, потоа Движењето 21, која е предводена од Татјана Дончева и Алтернатива за бугарскиот подем (АБВ). Последнава партија е позната по својата антиваксерска позиција за време на пандемијата. Во неа членуваат и поранешниот министер за внатрешни работи Румен Петков и поранешниот претседател Георги Прванов. Партиите главно се против тоа Бугарија да покаже цврста поддршка за Украина, во согласност со прорускиот став на нивната поранешна партија.

Двете нови партии не се единствените што ќе придонесат за нова и поостра конкуренција на изборите што претстојат во април. На 21 јануари, партијата Национално движење за стабилност и напредок (НДСВ), создадена во 2001 година од поранешниот цар Симеон Саксобурготски-Гота (Симеон Втори) – сега пензиониран од политиката – ги објави плановите за враќање на општите избори. НДСВ беше на власт помеѓу 2001 и 2005 година во коалиција, заедно со Движењето за права и слободи (ДПС), а Симеон Втори како премиер. Потоа беше и во коалиција со социјалистите и ДПС од 2005 до 2009 година. Неуспехот на партијата на Симеон Саксобурготски да воведе реформи, сега се гледа како нејзино „наследство“. Популарноста на НДСВ драстично опадна по 2009 година. Еден месец пред веста за враќањето на партијата, Симеон Втори одржа состанок зад затворени врати со руската амбасадорка Елеонора Митрофанова и со претставник на Руската православна црква во Софија.
На 5 февруари, анкетата на агенцијата „Ексакта“ предвиде нова победа на партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов на 2 април, со 26,6 отсто. ГЕРБ во анкетата е пред партијата Ја продолжуваме промената на Петков и Демократска Бугарија на Христо Иванов, двајца поранешни коалициски партнери што се кандидираат заедно за првпат, со 16,4 отсто.