Интересна приказна публикува „Дојче веле“ за една германска компанија што ѝ продавала високотехнолошки производи и електронски компоненти на Москва – кои можат да се користат за мирољубиви цели, но и за оружје што се користи во војната во Украина

Големата (воена) тајна од малото населено место во срцето на Европа

Седиштето на компанијата „Смарт импекс“ е незабележливо, среде деловно-индустриската област во Керпен кај Келн. Меѓутоа, работите на оваа компанија навистина заслужуваат посебно внимание, пишува „Дојче веле“. Имено, непосредно пред војната, оваа компанија ѝ продавала високотехнолошки производи и електронски компоненти на Москва – кои можат да се користат за мирољубиви цели, но и за оружје што се користи во војната во Украина.
Според британските експерти, ваквите електронски компоненти играат клучна улога во војната – ги има и во ракетите што уништуваат домови, училишта и болници во Украина.
– Тие се во срцето на руското оружје – вели Џејмс Бирн од британскиот истражувачки центар РУСИ (Ројал јунајтед сервисис институт), кој е специјализиран за одбрана и безбедност. Вработените во РУСИ често наоѓале западни компоненти во урнатините на Украина. Меѓу нив може да биле и компоненти од Керпен.

Што открива царинската документација пред и по 24.2.2022 година, до која дојдоа германските новинари?

Пред почетокот на војната, новинарските истражувачи го издвојуваат следново: Јарослав З., коосновач на руската компанија „Фаст импекс“ (која е означена како купувач) е косопственик и на германската компанија „Смарт импекс“ (која е означена како продавач). По 24 февруари 2022 година, германската компанија „Смарт импекс“ повеќе не се појавува во царинските податоци на стоката испорачана на руската компанија „Фаст импекс“, туку наеднаш се појавува турската компанија „АЗУ интернешнл“. Таа, пак, е основана во Истанбул неколку недели по почетокот на војната. Коосновач е Ѓоктурк А., кој е и генерален менаџер и косопственик на германската компанија „Смарт импекс“.
Минатата година турската компанија „АЗУ интернешнл“ ѝ ги продаде на Москва за повеќе од 20 милиони американски долари токму компонентите што претходно ги продаваше германската компанија „Смарт импекс“.

Истражувачки дилеми:

Дали оваа деловна структура е дизајнирана да ги заобиколи санкциите?
Очигледно, оваа германска компанија не е изолиран случај. Од почетокот на војната, обемот на извозот на Турција во областа на „полуспроводници и електронски компоненти“ практично експлодира – од околу 300 илјади американски долари во 2021 година на повеќе од 86 милиони американски долари во 2022 година. Тоа е речиси 300 пати повеќе – за само една година.
– Гледаме огромен пораст на извозот на овие компоненти од Турција во Русија, најмногу од компании што никогаш не тргувале со нив – вели економистката Елина Рибакова, која беше вклучена во детална анализа на рускиот увоз. За неа ова е доказ за можно систематско заобиколување на санкциите на ЕУ.
Дали и германскиот „Смарт импекс“ продолжува да ѝ продава електронски компоненти на Москва – на кружен начин, со основање нова компанија во Истанбул? Пред два месеца, новинската агенција „Ројтерс“ го контактирала Ѓоктурк А. Тој во телефонски разговор признал дека компанијата „Смарт импекс“ од Керпен продава електронски компоненти во Турција и дека сѐ друго е „деловна тајна“.
Експертот за правните аспекти на санкциите, Бербел Сакс, овде ја гледа потребата од истрага: „Ако германски директор од Турција врши трансакции што се забранети од Германија, тогаш и ова е прекршување на ембаргото“.
Во меѓувреме, споменатиот медиум доаѓа до дополнителни документи, кои сѐ поочигледно ја потврдуваат оваа трговска конструкција во триаголникот Германија – Турција – Русија: Ѓоктурк А. поднесе оставка како генерален директор на германската компанија „Смарт импекс“ затоа што се чувствувал измамен, затоа што германската фирма продолжила да продава компоненти во Русија, преку Истанбул…