Буџетот на Министерството за култура е намален во однос на минатата година. Вкупниот буџет за поддршка на конкурсите за финансирање проекти од национален интерес за 2023 година е 20 отсто од целиот буџет, информираше денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Сепак, како што изјави министерката по брифингот со медиумите, Комисијата постапила најсоодветно во однос на распределбата на средствата за поддршка на проектите, согласно доделениот буџет.
-Никогаш нема да имаме доволно пари во културата, доколку и цел буџет го искористиме само за овие проекти и тоа ќе биде малку. Јас сето тоа го разбирам, но сметам дека Комисијата постапила најсоодветно во однос на распределбата на средствата за поддршка на проектите, согласно доделениот буџет – рече Костадиновска-Стојчевска.
Додаде дека минатата година буџетот на Министерството за култура изнесувал 4,6 милијарди денари, а оваа година е 3,7 милиони денари.
-Согласно овој буџет, според тоа што ние го имаме како должност кон националните установи, предвидени се 12,6 милиони евра за програмите, 21,3 отсто за националните установи и остатокот е за одделот на Министерството за култура – изјави Костадиновска-Стојчевска.