Земјотрес! Останете мирни и присебни – не дозволувајте да ве фати паника. Бидете свесни дека некои земјотреси се само почетни потреси и дека набрзо може да следува друг, посилен земјотрес. Скријте се на сигурно место во домот, на пример носечките ѕидови, под маса, цврст мебел, и останете таму додека трае потресот, или покријте ги своето лице и глава со рацете и скријте се во аголот на внатрешните ѕидови на просториите – никако не смеете да останете во централниот дел од собата. Ова се само некои од препораките на експертите што да се прави за време на земјотрес

Како треба да се однесуваме доколку се соочиме со земјотрес

Бројот на загинати во Турција и Сирија од силниот земјотрес, со интензитет од 7,8 степени според Рихтер, надмина 37.000 жртви, а стресот кај луѓето, дури и од самата помисла на зборот земјотрес, не престанува. А факт е дека во изминатиот период и во регионов беа регистрирани неколку земјотреси, и тоа околу Македонија: во Грција, во Србија, во Хрватска, како и последниот, со јачина од 5,0 степени според Рихтеровата скала, што го потресе западниот дел на Романија. Сеизмолошката активност како концентрични кругови се шири во поширокиот регион на Турција и Сирија.
Познавачите на безбедносните процедури деновиве се повеќе од активни, и тоа по прашањето за „безбедносните правила и процедури за време на земјотрес и потоа“. Соговорниците од оваа област ни обрнуваат внимание на видеозаписите на надзорните камери што во реално време го прикажуваа и направија видеоматеријал од земјотресот во Турција. Експертите ни го посочуваат моментот на неприсебното, панично однесување на луѓето и неподготвеноста да се справат со ситуацијата. Очигледно е дека турските и сириските граѓани не биле доволно информирани како да постапуваат за време на земјотрес. Во тој контекст, соговорниците сугерираат дека за граѓаните би било исклучително корисно да бидат објавени неколку препораки како да се постапува за време на земјотрес кога се наоѓаме на различни локации, отворен или затворен простор итн.

Што да се прави за време на земјотрес

За да ги едуцираме македонските граѓани како да се однесуваат за време на земјотрес, ќе издвоиме неколку препораки (од надлежните институции) од „Прирачникот за намалување на заканите од земјотреси“. Една од првите препораки е дека треба да бидеме едуцирани, а потоа, во согласност со тоа, и подготвени на сите потенцијални опасности. Кога имаме знаење за одредено нешто, вклучувајќи и за земјотрес, нивото на стрес кај луѓето рапидно се намалува. Нема паника, нема поматување на свеста, туку, помалку или повеќе, рационално реагирање и дејствување.
Доколку за време на земјотрес се наоѓаме во затворен простор, треба да останеме мирни и присебни, да не дозволуваме да нѐ фати паника. Треба да бидеме свесни дека некои земјотреси се само почетни потреси и дека набрзо може да следува друг, посилен земјотрес. Доколку при земјотрес се наоѓаме во затворен простор, се препорачува да се скриеме на сигурно во домот, како што се носечките ѕидови, под маса, цврст мебел, и да останеме таму додека трае потресот. Во тој контекст, препорака е претходно да ги прицврстиме полиците, бојлерот, лустерите, огледалата за ѕид, како и да избегнуваме поставување ормани, полици, слики, огледала над местата каде што е предвидено да се спие. Да не се обидуваме да бегаме и да стоиме што подалеку од прозорците, надворешните ѕидови и вратите или што било што би можело да падне, како што се лустерите или полиците. Доколку сме во кревет, треба да се спуштиме покрај креветот и да ја заштитиме главата. Исто така, се препорачува додека трае земјотресот да ги избегнуваме скалите и лифтовите, а доколку се наоѓаме во јавен објект, да останеме мирни, да не паничиме и да стоиме понастрана од метежот.
Доколку за време на земјотрес се наоѓаме на отворен простор, треба да стоиме подалеку од зградите, мостовите, тунелите, уличните светла, електричните столбови и кабли. Доколку сме на улица, треба да водиме сметка за објектите што може да паднат на нас, како што се оџаци, прозорци, тули од покрив и сл. Доколку за време на земјотресот се наоѓаме во автомобил во движење доколку ни дозволува безбедноста во сообраќајот, треба да го запреме движењето на автомобилот, но не покрај згради, дрвја, надвозници или електрични кабли.

Препорачани подготовки пред земјотрес и реакција по земјотрес

Исто така потребно е идентификување на сигурните места во објектите и надвор од нив. Односно, во домот, училиштето, одредете едно или повеќе сигурни места за евакуирање во случај на земјотрес, и тоа што подалеку од прозорците, големите стаклени површини и преградните ѕидови. На отворено се препорачува да бидеме подалеку од згради, дрвја, телефонски и електрични столбови, мостови, тунели и сл. Мора да имаме предвид дека опасните и запаливи материи треба да бидат складирани на сигурно место. Исто така, се препорачува секогаш да знаеме каде имаме батериска ламба, мобилен телефон, прибор за прва медицинска помош, лекови, документи за идентификација, апарат за гаснење пожар, повеќенаменско ноже, вреќа за спиење, како и одредени резерви конзервирана храна и вода во шишиња. Потребно е и дополнително едуцирање, односно да ги надградиме нашите знаења и вештини за заштита и начините како да се однесуваме пред, за време и по земјотрес. На работните места и во училиштата треба да информираме што е предвидено планот за заштита и спасување од земјотреси.
По земјотресот, доколку се наоѓаме под урнатини, не треба да се движиме, а устата треба да ја покриеме со марамче или ткаенина. Во оваа ситуација се препорачува и удирање по ѕид за спасувачките тимови да може да нѐ пронајдат. Викањето е последна опција. Во друга ситуација, по земјотресот, се препорачува да ги земеме најважните работи, да ги исклучиме електричната енергија, гасот и главниот вентил за вода. Се препорачува пиење вода само од шише, како и следење на упатствата на надлежните органи. Д.Ст.


Балканскиот Полуостров не престанува да се тресе

Додека Турција и Сирија сѐ уште ги пребројуваат жртвите од најсилниот земјотрес што ги погодил во изминатите 100 години и додека спасувачките екипи со сѐ помала надеж бараат преживеани во урнатините, Балканскиот Полуостров не престанува да се тресе. Земјотрес со јачина од 2,3 степени според Рихтеровата скала е почувствуван во Хрватска, со епицентар на 13 километри од Сисак, а подоцна се стресе и Србија. Тука епицентарот беше кај Краљево, а јачината на земјотресот беше 2,4 степени. Земјотрес со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала ја погоди и Грција, а епицентарот беше во близината на Тиваи, на околу 50 километри од Атина. Земјотресот бил со длабочина од 5 километри.
Последниот од низата на земјотреси што го тресат регионот беше почувствуван во западниот дел на Романија. Според соопштението на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, земјотресот во Романија бил со јачина од 5,2 степени. Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 15 километри, на околу 290 километри северозападно од Букурешт. Земјотресот е почувствуван во областите Тимиш, Арад, Сибиу, Дољ, но и во Србија и Бугарија.
Додека Балканот се тресе, турските власти и експерти ги истражуваат причините за големиот број загинати, бројка што, според „Ројтерс“, надмина 37.000 жртви. Информациите што пристигнуваат посочуваат дека не било преземено повеќе за безбедноста на градбите, а постојат и сомнежи за неквалитетно изведени објекти. Меѓутоа, надзорните камери од Турција,изобилуваат со снимки што упатуваат на панично однесување на тамошните граѓани, односно ја потврдуваат нивната неподготвеност како да се справат во ситуација кога се соочуваат со земјотрес.