Фото: Илустрација/Игор Бансколиев

Тактиката „влези – излези“ само за стабилно парламентарно мнозинство?

Непосредно по потврдата дека Алијанса за Албанците стана дел од владиното владејачко мнозинство, Демократскиот сојуз на Павле Трајанов ја напушти Владата и најави дека во иднина ќе дејствува како опозициска партија, негирајќи дека ќе ѝ се придружи на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски, кој е од редовите на ДС, вчера поднесе оставка на функцијата.
– Одлуката што ја донесе Демократскиот сојуз не претставува нарушување на силината и стабилноста на парламентарното мнозинство – изјави премиерот во пресрет на седницата за реконструкција на Владата.
Тој е убеден дека владиното мнозинство е силно и стабилно и дека реконструкцијата на Владата ќе помине со над 64 гласа.
– Реконструкцијата што ја поднесов не беше водена од персонални и кадровски побуди, туку за државата да има стабилно мнозинство, да се донесат економските закони и правосудните, да се реализираат реформите, да не се дозволи блокада од опозицијата. Сметам дека сите владини партнери се за ефикасна работа на Собранието, а Алијанса за Албанците ќе го зајакне мнозинството – истакна Ковачевски.
Од друга страна, Трајанов не го дели мислењето на премиерот, а одлуката да ја напушти Владата ја објаснува со неисполнување на програмските цели утврдени и усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година.

– Централниот совет заклучи дека ниту една од нашите програмски цели дефинирани низ нашите партиски органи и тела што беа усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година, но и пред формирањето на оваа влада, не е имплементирана. Имавме договор Македонија да биде една изборна единица, односно да се направат системски реформи во изборните правила. Беше подготвен закон што помина на собраниските комисии за политички систем и законодавно-правната, но тој сега е блокиран бидејќи спикерот Талат Џафери не ја закажува седницата за овие законски промени. Тоа беше нашата главна определба – објасни Трајанов, притоа додавајќи дека не биле исполнети уште две важни програмски цели, а тоа се реформите во судскиот систем и борбата против корупцијата.
Другиот помал коалициски партнер во власта, ДОМ, кој во изминатиот период дејствуваше на иста линија со ДС околу иницијативата Македонија да биде една изборна единица, најави дека останува и натаму дел од власта. Лидерката на партијата и пратеничка, Маја Морачанин, одлуката за останување во коалицијата ја оправдува со програмските приоритети што ги имаат за остварување.

– ДОМ, ниту кога во Владата се водеа преговори со Алтернатива, ниту сега со Алијанса за Албанците, не условувал со број на функционерски позиции. Впрочем за тоа говори фактот што од 2020 година, по парламентарните избори, ДОМ учествува во Владата, со една заменик-министерка и нема никаква промена по однос на функционерските позиции на ДОМ. За нас од суштинска важност е реализирањето на програмските приоритети, а не која партија колку министерски, заменик-министерски и директорски позиции добила – вели Морачанин за „Макфакс“.
Претходно Владата ја напушти и Алтернатива откако во Владата влезе Алијанса за Албанците. П.Р.