Фенатил е исклучиво силен синтетички опиоиден аналгетик (лек против болки), кој е доста сличен на морфиумот, но е за 50-100 пати посилен од него. Создаден е во 1959 година од страна на докторот Паул Јансен, белгиски хемичар и креатор на компанијата „Јансен фармација“
НОВ ВИД синтетички ОПИОИД – нова и поопасна наркозакана за Европа
На Европскиот континент му се заканува „поплава“ од фенатил, синтетички опиоид што во 2021 година уби повеќе од 70 илјади луѓе во Соединетите Американски Држави, претежно млади луѓе и тинејџери. Прва цел за дистрибуција на оваа дрога е Белгија, како главна влезна точка за наркотици што доаѓаат од Латинска Америка.
Уште ПОГОЛЕМА ЗАКАНА ОД ХЕРОИНОТ И ОД КОКАИНОТ
Фенатилот е поголема закана од хероинот и од кокаинот. Според експертите, оваа дрога е „кокаинот“ на иднината. Со полициските рации низ Европа во последните неколку месеци, а во кои се запленети помали количества фенатил, кај надлежните се разбуди и стравот дека оваа дрога почнува да се проширува низ Европа, особено откако веќе стана познат фактот дека мексиканските картели се обидуваат да си обезбедат нов и сигурен пазар каде што ќе ја продаваат дрогата.
Белгија минатата година заплени рекордни 110 илјади килограми кокаин на пристаништата во Антверпен, а тоа количество е огромно во споредба со запленетите десет грама фенатил што полицијата ги заплени во Брисел.
Сепак, според експертите од областа на наркотици, овие бројки се лажни и овие две дроги воопшто не можат да се споредуваат бидејќи само три милиграми фенатил се дури за педесет пати посилни од хероинот и таа доза би можела да биде смртоносна за еден човек.
– Со тие десет грама фенатил би можеле да убиете три илјади луѓе во Белгија – предупредува белгискиот министер за правосудство, Винсент ван Квикенборн, кој живее под полициска заштита откако минатата есен наркобандите се обидоа да го киднапираат.
Квикенборн истакна дека картелите Синалоа и Халиско одлучиле фенатилот да оди во САД, а кокаинот во Европа.
– Но двата картела паралелно ги контролираат двата пазара. Ним им е лесно да ги користат истите траси за достава и тоа е причината поради која нашата царинска служба е многу внимателна. Подготвени сме и за полоши времиња – рече тој.
Тој вели дека е загрижен оти овие два картела би можеле да создадат нов пазар со мешањето на фенатилот со кокаин, чија популарност сѐ уште е голема во Европа.
– Фенатилот е многу евтин, а употребата на кокаинот е пораширена во Европа отколку во САД. Тоа би можело да биде следниот проблем – потенцира тој.
Фенатилот е „поисплатлив“ за криминалците ОД ХЕРОИНОТ
Фенатилот е исклучиво силен синтетички опиоиден аналгетик (лек против болки), кој е доста сличен на морфиумот, но е за 50-100 пати посилен од него. Создаден е во 1959 година од страна на докторот Паул Јансен, белгиски хемичар и креатор на компанијата „Јансен фармација“.
Оваа синтетичка дрога во последните години стана извозен хит на мексиканските наркокартели. Една од причините е ниската цена на производство во споредба со традиционалните дроги. Еден тон хероин е еквивалентен на фенатил со тежина од максимум 20 килограми, а мексиканските лаборатории би можеле да произведат стотици илјади дози неделно. За производство на еден килограм фенатил се потребни само два часа. Просечната цена на килограм фенатил во Мексико е пет илјади долари, додека во американските градови како Лос Анџелес, истото количество се продава за 200 илјади долари.
Фенатилот е многу поисплатлив од хероинот поради многубројните предности на синтетичките дроги. Со синтетика може да се произведуваат повеќе и повеќе резерви ако ги имате потребните хемикалии, лаборатории и стручни техничари.
Иако фенатилот главно се произведува во Мексико, хемикалиите за неговото производство доаѓаат од Азија, главно од Кина, Индија, Тајланд и од Виетнам. Експертите тврдат дека соработката со Кина може да биде клучна за напорите да се сузбие фенатилот на европскиот континент, но дијалозите со Пекинг честопати се попречени од политичката напнатост.
Според нив, иако хероинот останува најчесто користена дрога во Европа и дрога што е одговорна за најголем дел од смртните случаи предизвикани од дроги, сѐ е поголема загриженоста поради улогата на синтетичките опиоиди во проблемите со дрога во Европа. Дериватите на фенатилот особено се загрижувачки поради средишната улога што тие ја имаат во мнозинството опиоиди во Северна Америка. Забележани се смртни случаи како последица на консумирањето на фенатилот во Европа, а во минатото дериватите на фенатилот беа најчест облик на опиоид што се консумира во Естонија, а понекогаш беа пронајдени и во други земји – се наведува во Европскиот центар за контрола на дрога и зависности од дрога, објавен минатата година.