Кучињата лаат, карванот си врви. Па, после ќе се чудиме кога челници на одредени министерства или државни агенции со денови ќе ги нема на работа, а обврските ќе се трупаат. Или, пак, ќе гледаат бело и ќе немаат одговор кога некој новинар ќе успее да дојде до нив за да ги праша некое макар и најосновно прашање поврзано со нивната работа. И неретко, притоа ќе изгубат нерви и ќе ги демонстрираат својата агресивност и некултура, со тоа што вербално ќе го нападнат новинарот, кој само си ја врши својата работа. Ете, тоа е најчесто резултатот од размената на сликички на плоштад. Некомпетентни, неспособни кадри на битни места поставени само заради некаков „мир во куќа“, кои наместо прогрес, напредок, ќе носат само дополнителна нервоза и проблеми за оние што ги поставиле на тие позиции, а уште повеќе за оние во чие име се избрани
Се гледа дека и нашиве политичари како помлади биле големи обожаватели на сликичките со фудбалери на „Панини“. Просто е неверојатно како тоа избива од нив, без исклучок.
Менувам едно вицепремиерско место за пет пратеници; давам тројца пратеници за две министерски места, едно директорско и три седишта во управен одбор; осум пратеници за три министерски позиции, двајца директори на јавно претпријатие, тројца амбасадори и еден селектор на фудбалска репрезентација… Вака отприлика течат разговорите на македонските политички и партиски првенци, кои во една пат-ситуација се обидуваат да го најдат излезот од лавиринтот. Притоа, како на еден обичен наш секојдневен пазар, се расфрлаат со имиња, со позиции, со титули, оставајќи го подзинат обичниот човек, кој не може да се начуди што се случува.
Впрочем, и министерот за правда Никола Тупанчевски не издржа, па актуелните пазарења за прераспределба на министерските позиции, при што меѓу најспомнуваните во размената на сликички, пардон на позиции, беше токму неговото место, ги окарактеризира како берза, како „Пазар 3“. Кога такво нешто кажува еден министер, кој патем, да не заборавиме, е долгогодишен професор на Правниот факултет, тогаш тие зборови имаат посебна тежина. Се разбира, кај оние што знаат да слушаат и да разбираат што сака да каже професорот.
А оние другите ќе продолжат да си менуваат сликички на плоштад, пардон на нивните ексклузивни локации за таа намена.
Само во едно грешат нашите политичари. Наместо муабетите за менување сликички, т.е. министерски и директорски места да ги прават во Клубот на пратеници, во Владата и на други такви ексклузивни места, да дојдат на плоштад, да се смешаат меѓу луѓе. За да видат навистина што мислат луѓето за нив и за нивната политика, а пред сѐ за нивниот начин за распределба на функциите.
Барем оние луѓе што останаа во државата. Оти ако продолжат со ова темпо празнењето на нашите градови и села и неповратното заминување во странство, тогаш не е далеку денот кога нашите политичари ќе останат да владеат сами со себе и своите најблиски.
Можеби тогаш ќе сфатат дека за вистински напредок на државата, на градовите, на институциите, воопшто на животот на граѓаните – не е важно кој од која партија доаѓа, туку дали тој човек нешто разбира, дали има некакви квалитети за позицијата за која се кандидира, односно поставува. Како може толку да сме заслепени со беспоштедната меѓупартиска пресметка, со пазарењето за политички опстанок, па на сметка на тоа да жртвуваме сѐ за што декларативно се залагаме? Каде се тука критериумите што е потребно да се исполнат за одредени позиции, каде се потребните квалификации, квалитет, способности, вештини – или доволно е само тоа што некој брзо лепел плакати и го мавтал знамето повисоко од другите.
И никому ништо. Кучињата лаат, карванот си врви. Па, после ќе се чудиме кога челници на одредени министерства или државни агенции со денови ќе ги нема на работа, а обврските ќе се трупаат. Или, пак, ќе гледаат бело и ќе немаат одговор кога некој новинар ќе успее да дојде до нив за да ги праша некое макар и најосновно прашање поврзано со нивната работа. И неретко, притоа ќе изгубат нерви и ќе ги демонстрираат својата агресивност и некултура, со тоа што вербално ќе го нападнат новинарот, кој само си ја врши својата работа.
Ете, тоа е најчесто резултатот од размената на сликички на плоштад. Некомпетентни, неспособни кадри на битни места поставени само заради некаков „мир во куќа“, кои наместо прогрес, напредок, ќе носат само дополнителна нервоза и проблеми за оние што ги поставиле на тие позиции, а уште повеќе за оние во чие име се избрани.
Во морето на такви информации што секојдневно нѐ заплиснуваат, кои зборуваат за сомнителни договори во четири очи, за наместени тендери што „мирисаат“ до небо, за скандалозни пропусти во процедурата, во кои, замислете – на волшебен начин испариле илјадници, па дури и милиони евра, за кои никој не одговара, јавноста веќе и не реагира. Отапе во својата немоќ. За жал, јавноста макар накратко се возбудува кога во еден таков хаос и неорганизација ќе се случи некој да почине поради негрижа и неспособност на надлежните, како во последниот случај со пациентот со ретка болест, кому сите му ветуваа помош, а помошта ја немаше никаде.
На вакви трагични случаи не е во ред да се ловат политички поени или да се бркаат вештерки. Но токму на таквите случаи избиваат на површина целата неорганизираност, некоординација и, во крајна линија, неспособноста на луѓето поставени на позиции што треба да одлучуваат за нештата. Токму на овој случај се потврди дека проблемот не е од вчера, дека најмалку две години на сега покојниот и на другите пациенти со ретки болести им се ветувани неопходните лекови, но досега ништо не е сторено. Дури сега се размислува за тоа како би било добро да се смени законската регулатива за да се забрза процесот за набавка на лекарствата.
А да ги праша некој – што се чекало најмалку две години, за колку што сега дознава пошироката јавност, а всушност којзнае од кога не се решава проблемот како што треба? И како тоа така лесно им се даваат ветувања на луѓе на кои таквите зборови им се можеби последна надеж.
Многу прашања, за жал, остануваат неодговорени и нерешени. А прашање е и кога и дали ќе се решат. Сѐ додека министерските и директорските позиции се договараат и се решаваат како размена на сликички на плоштад.
Во стилот, менувам сликичка од Пандев за две од Меси.