фото: Маја Јаневска - Илиева

Владата на денешната седница го разгледа и усвои Предлогот за измени и дополнувања на Буџетот за 2026 година, со кој се врши приспособување на приходната и расходната страна на државната каса.

Како што соопшти владината прес-служба, измените се резултат на фискалното влијание од мерките што ги презеде Владата за поддршка на граѓаните и бизнисот, меѓу кои и намалувањето на акцизата и ДДВ-то кај горивата.

Со предложените измени, вкупните приходи се проектираат на 374,2 милијарди денари, додека расходите се планираат на 420,5 милијарди денари.

И покрај промените на приходната и расходната страна, буџетскиот дефицит останува на непроменето ниво, наведуваат од Владата.

Од Владата посочуваат дека со измените треба да се одржи стабилноста на јавните финансии, да се обезбеди непречено и редовно функционирање на институциите, како и реализација на планираните програми.

Дополнително, целта е да се обезбеди навремено сервисирање на сите обврски, се наведува во владиното соопштение.

Предлогот за измени и дополнувања на Буџетот сега ќе биде доставен до Собранието, каде што треба да биде разгледан и ставен на усвојување.