Од Македонија во Турција ќе бидат испратени 40 припадници на силите за заштита и спасување, кои ќе помогнат во санирањето на последиците од земјотресот, а заедно со нив ќе бидат испратени и две противпожарни возила. Дополнително ќе бидат испратени и 24 припадници на армијата, од кои 22 лица од Баталјонот за специјални сили, две кучиња за пребарување и две лица водачи на кучиња. Освен спасувачките тимови, Владата одлучи во Турција да биде испратен и хуманитарен пакет од 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила
Со цел да се обезбеди дополнителна помош за погодените од земјотресот, Владата го задолжи Министерството за финансии да подготви и до неа да достави одлука за одобрување шест милиони денари од буџетот за 2023 година, кои ќе бидат испратени во Турција. Владата на вонредна седница донесе сет одлуки и упати задолженија до дел од министерствата и институциите во земјава, во насока на обезбедување помош, која итно ќе биде испратена во Турција по катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата.
Општина Тетово и Територијалната противпожарна единица испратија специјализирана екипа пожарникари во Турција. Тетовските пожарникари, кои се обучени за давање помош при елементарни непогоди, ќе помагаат во пронаоѓање и спасување на луѓето што останаа под урнатините по вчерашниот катастрофален земјотрес.
– Во знак на солидарност и поддршка испраќаме група од деветмина лиценцирани пожарникари за елементарни непогоди од Територијалната противпожарна единица – Тетово. Екипата е опремена со противпожарна опрема и опрема за пребарување и спасување. Тие заминаа за југоисточниот дел на Турција за да му помогнат на турскиот народ – велат од Општина Тетово.
Тимот за брз одговор за спасување од планина и високи објекти од Дирекцијата за заштита и спасување, подрачна единица Битола, со пет члена ќе биде дел од УСР-единицата и веќе заминуваат во подрачјето погодено од земјотресот, а од општината соопштија дека доколку се појави потреба, во целосна подготвеност за интервенција се и високопрофесионалните екипи на ТППЕ-Битола, кои се обучени за спасување од урнатини и земјотреси.
– Хуманоста, солидарноста и одговорноста во ваквите мигови е неопходна. Подготвени сме да им бидеме поддршка на луѓето што во моментот се соочуваат со големи човечки и материјални загуби – потенцираат од Општина Битола.