Унгарската претседателка Каталин Новак се огради од дадениот азил на експремиерот на Македонија, Никола Груевски. Прашана од „Макфакс“ како може Унгарија, земја членка на ЕУ да даде азил на лице кое е на црната листа на САД и поранешен функционер кој се гони за криминал и корупција – таа немаше конкретен одговор.
Посочи само дека се радува што Груевски не ги нарушил односите меѓу Македонија и Унгарија.
– Првиот дел во однос на Груевски би сакала да кажам дека тоа е во надлежност на нашето правосудство и јас за тоа многу се радувам дека во рамките на мојата посета, се уверив во тоа дека нашата меѓусебна соработка на ниво на држава се развива успешно и дека имаме добра основа и понатаму да се гради и развива и дека односите меѓу унгарските и македонските граѓаните се на високо ниво и тоа не влијае на никакви криминални прашања и на никакви криминални односи – одговори Новак на прашањето од „Макфакс“.
Експремиерот Никола Груевски во 2018 година избега од Македонија во Унгарија каде експресно доби политички азил. Македонија бараше екстрадиција поради судските постапки кои се водат против него, но барањето беше одбиено.