Најмалку седуммина коптски верници загинаа денеска во Египет, кога група вооружени мажи отвориле оган врз автобус со кој жртвите патувале кон манастир во египетската пустинска провинција Миња.
Претставник на египетските безбедносни сили информира дека при нападот биле повредени и „неколкумина патници во автобусот“, додека според коптскиот епископ Булис Халим повредени се 14 верници.
Како што јави ДПА, нападот врз автобусот бил извршен во близина на манастирот „Св. Самоил Исповедник“.
Во мај 2017 година при напад на вооружени лица врз автобус со кој патувале коптски верници загинаа 28 лица, меѓу кои и повеќе деца. Одговорност за нападот презеде египетскиот огранок на џихадистичката група Исламска држава (ИД).
Египетскиот огранок на ИД најчесто изведува напади врз припадниците на безбедносните сили и врз христијаните на Синајскиот Полуостров, но има свои бази и во соседна Либија.
Во февруари годинава египетската армија спроведе обемна операција против џихадистите на Синајскиот Полуостров, наречена „Синај 2018“, при која, според властите во Каиро, биле ликвидирани над 450 борци на ИД.
Коптите се најстара и најбројна христијанска верска заедница во Египет, на која и припаѓаат околу 10 проценти од 100-те милиони египетски жители.