Со промоцијата на книгата „70 Години Библиотека „Григор Прличев“- Охрид“ од авторот Милчо Јованоски започнаа годинешните „Прличеви беседи“. Промотор на книгата беше новинарот и публицист Свето Стефаноски, а настанот се одржи во „Прличевата одаја“ .
– Да се одбележат 70 години траење, издигнување и работа во континуитет на една библиотека е јубилеј кој заслужува висок респект, почит и внимание. Во работата на оваа библиотека што го носи името на големиот преродбеник и деец Григор Прличев, вграден е труд, ентузијазам и знање на стотици личности,почнувајќи од Ангел Групче кој својот дуќан го претворил во центар на народна писменост уште во 1830 година, па до денешни дни – истакна Стефановски, додавајќи дека книгата претставува златен трезор на охридската Библиотека.
Авторот на Монографијата и во мигов и директор на Библиотеката, Милчо Јованоски се зафатил со ни мала и уште помалу лесна задача да ги собере и обработи сите периоди од првите почетоци на библиотеката во Охрид до денес.
– Создавањето на книгата не беше лесен и кус процес на неа се работеше повеќе од една година. Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ минатата 2022 година одбележа 70 година откако го носи името на големиот поет и преродбеник Григор Прличев. Тоа беше убав повод, како автор да се зафатам со монографско меморирање на еден долг период од цели 25 години и да се надоврзам на основата која несебично срочена во монографија под наслов: Охридската библиотека „Григор Прличев“ издадена во 1998 зад себе ја остави нашата покојна колешка Маринела Јовановиќ – истакна Јовановски.