По неколку активни сесии во изминативе пет месеци, со искусни и докажани ментори од филмската уметност, креативниот тим на краткиот филм во развој „Големата ноќ“, составен од режисерот Батухан Ибрахим, сценаристот Никола Кузелов и продуцентот Илија Тирицовски, успешно ја заврши етаблираната програма за развој на кратки играни филмови „Мидпоинт шортс“ на Институтот од Прага, Чешка. Во периодот од 21 до 25 јануари, како дел од завршните активности во програмата, тимот учествуваше на 13-то издание на големата копродукциска платформа „Вен ист митс вест“ во Трст, Италија, каде што го претстави филмот пред потенцијални копродуценти, дистрибутери и селектори на големите европски филмски фестивали.
Филмот е приказна за две тинејџерки што во една вечер поминуваат низ институционална авантура, соочувајќи се со културните разлики меѓу Балканот и Западна Европа.
– Изминативе неколку месеци, заедно со менторите од „Мидпоинт програмата“, поминавме низ одличен процес на развој на сценариото на филмот и подготовка на проектот за соодветна презентација пред потенцијални партнери и соработници. Во Трст имавме одлична презентација пред стручната публика и добивме позитивни реакции од сите присутни, особено околу визијата за филмот на Батухан Ибрахим, како млад филмски режисер со неколку успешни студентски и независни филмови зад себе. Имавме и охрабрувачки состаноци со заинтересирани партнери и селектори на фестивали, што дефинитивно ни ветува светла иднина за филмот, кога ќе биде готов – вели продуцентот Тирицовски.
„Мидпоинт шортс“ е комплексна програма посветена на развој на сценарија на кратки филмови во Европа, со конекции од витално значење за филмската индустрија. Со помош на искусни и докажани ментори за сценарио и професионален развој на проекти, програмата ги води проектите на нивниот пат до големите филмски фестивали. „Вен ист митс вест“ e еден од најголемите копродукциски филмски форуми во Европа, кој обединува десетина програми низ кои поминуваат повеќе од 50 филма од светот што се во развој и подготовка и во четири работни дена во Трст собира повеќе од 600 професионалци од филмската индустрија низ светот. Голем дел успешни филмски приказни во изминатава деценија тргнале токму оттаму.
Филмот „Големата ноќ“ е во продукција на „Охо продукција“ и е поддржан од Агенција за филм на Македонија.