Од листата на десет најчесто купувани прехранбени производи, Струмица има најниски цени за четири производи. Од нашиот избор на производи што ја сочинуваат просечната македонска потрошувачка кошничка, скопјани најскапо плаќаат единствено за телешко месо!
Каде се најниските цени за храна, според статистичкиот ценовен показател
Жителите од различните градови во Македонија различно се носат со високата инфлација и високите цени на храната и другите производи во малопродажните објекти. Струмичани имаат најниски месечни трошоци за храна во Македонија, доколку се спореди потрошувачка кошничка во која влегуваат основните прехранбени производи. Битола, Охрид и Штип се градови во кои жителите плаќаат највисока цена за одредени производи. Од нашиот избор на производи што ја сочинуваат просечната македонска потрошувачка кошничка, скопјани најскапо плаќаат единствено за телешко месо! Но затоа, Скопје останува најскапо место за живеење во Македонија, ако се земат предвид и другите повисоки трошоци, кои ги носи животот во една урбанизирана средина.
Мини-анализата на малопродажните цени во поголемите градски центри во Македонија, која ја направивме врз основа на објавената публикација на Државниот завод за статистика за ноември минатата година, а се однесува за цените на мало по градови, дава појасна слика за висината на трошоците за храна што ги плаќаат нашите граѓани. Од листата на десет најчесто купувани прехранбени производи, Струмица има најниски цени за четири производи. Имено, струмичани плаќаат најниска цена за грав (135,48 денари за килограм), за сирење (383,41 денар за килограм), за свинско месо (299,55 денари) и за банани (81,64 денари). Кумановци плаќале најмалку за компир (38,26 денари) и за млеко во пакување од еден литар со 3,2 отсто масленост (74,71 денари). Во Охрид, најевтини се килограм леб (80,59 денари) и пченично брашно тип 500 (47,30 денари). Во Тетово најмала малопродажна цена имало маслото за јадење (120,17 денари). Штипјани најмалку ги чинеле телешкото месо (379,37 денари) и јаболката (31,29 денар за килограм).
Во споредбата на цените на поважните прехранбени производи, Охрид се издвојува како најскап град во Македонија, каде што цените се над просекот во земјата. Во нашиот најголем туристички центар најскапи биле: млекото (81,60 денар за литар), сирењето (542,21 денари) и бананите (90,84 денари). Свинското месо е најскапо во Тетово или 418,88 денари за килограм, а телешкото месо најскапо го плаќаат скопјани (723,40 денари). Во Куманово јаболкото е најскапо (54,29 денари). Во Штип најскапи се лебот (101,49 денар за килограм), брашното (54,04 денари за килограм) и компирот (44,86 денари).
– Охриѓани го плаќаат „данокот“ на најскапиот град во земјата. Цените, кои се повисоки за време на летната туристичка сезона, се задржуваат во сите месеци од годината. Вообичаена цена за капучино во рестораните е сто денари. Високите цени важат и за угостителските услуги. Такси-превозот се одвива по ценовник од сезоната. Повисоки се и другите услуги, како и за изнајмување станови и сл. Високите цени дополнително ни го поскапеа животот, за разлика од платите, кои се во рамките на македонскиот просек. Некако се навикнавме на скапиот живот во Охрид – ни изјави нашата соговорничка, која живее во четиричлено семејство.
Битола, според статистичките податоци за цените во ноември, се издвојува по тоа што нема ниеден најевтин производ, во однос на другите урбани центри во Македонија. Битолчани плаќале најскапо масло за јадење, односно по 135,95 денари за едно литро, како и за гравот (217,75 денари). Интересен податок е тоа што Велес е единствениот град во кој цените ја одржуваат „златната“ средина!
– Битолчани потешко се носат со скапотијата. Ако некогаш за дневно пазарење биле потребни илјада денари, сега сметката за на пазар е дупло повисока. Нашите пензионери шетаат низ маркетите во градот и бараат пониска цена на некој производ. Постојат големи разлики во цените, посебно за средствата за хигиена, козметика или, пак, за сирење или месо. Цените во чаршијата се драстично пораснати. Бурекот сега се продава за 80 денари, или ако ѓеврекот порано чинел 15 денари сега се продава за 30 денари. За разлика од високите цени, платите не се разликуваат во однос на македонскиот просек. Вработените во странските компании добиваат нешто повисоки плати, но и тоа е недоволно за покривање на месечните трошоци за живот – ни изјави битолчанецот Менде Миладиновски.
За поцелосна слика за тоа кој е најскап град во Македонија, потребно е да се направат споредби и со висината на месечните плати на граѓаните во поодделни градови, како и за другите „ставки“, како што се трошоците за домување, угостителските и другите услуги, транспортните трошоци за патување до работа, трошоците за образование, култура, забава и др. Главниот град на Македонија, според повеќе надворешни анкети, влегува меѓу најскапи градови за живот во регионот. Скопје, според трошоците за живот, е во групата на главните градови од поранешна Југославија. Најскап град е Љубљана, кој е на 139-то место на листата на најскапи градови во светот, па потоа се Загреб, Белград, Сараево, Подгорица, Скопје и Будимпешта. М.Ј.