Мицкоски гледал војна само на телевизија, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети од Тетово, откако претходно првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ од него побара да каже колку стотици милиони евра добила неговата фамилија на сметка на жртвите од војната во 2001.
Мицкоски истакна дека како доброволец во 2001 година го немал тоа чувство дека Али Ахмети е победник во таа војна, на што Ахмети возврати дека Мицкоски воопшто не бил во војна.
-Јас не се занимавам со Христијан Мицкоски кој ми зборува за војна, тој не бил во војна, тоа го гледал само на телевизија, па јас сум молчел затоа што тишината е лек. 20 години градевме стратегии за да работиме и да ги реализираме нашите цели и сме ценети од нашите гласачи. Само со повеќе работа можеме да бидеме силни не само 20 години туку и повеќе. Поминаа 20 години, затоа што ги планиравме работите во секоја фаза, како ќе одат. Постапувавме во тешки времиња, во многу деликатни околности, иако на доброто му нема крај, има уште многу работа – рече Ахмети.
Претседателот на ДУИ синоќа во Тетово почрача и дека уставните измени мора да се направат, а повика и на ветинг на политичарите.
-Уставните измени мора да се направат бидејќи тоа е задолжителен респектабилен договор. Ова ќе се случи за два-три месеци, но мора да се случи, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните на оваа држава. Тоа е заедничка мисија на сите нас бидејќи доброто што ќе дојде нема да дојде само за Албанците туку за сите граѓани. Мора да направиме ветинг, почнувајќи од политичарите, извршната власт, градоначалниците бидејќи тоа е за доброто на државата. Оваа проверка треба да ја направат странски специјалисти, бидејќи кредибилитетот може да се оспори. Потребно ни е проверено судство и политичар за да се има доверба во развојот на процесот – рече Ахмети.