Градот е ненадлежен, „Комунална хигиена“ е одговорна само за мрши, додека, пак, „Лајка“ е за бездомни кучиња. Од Агенцијата за храна и ветеринарство не го кажаа своето мислење, па остана енигма каде да пријават граѓаните и која служба да ја повикаат кога сѐ почесто регистрираат коњи како бесцелно трчаат по скопските улици
Кој во Скопје е надлежен да ги заловува слободно пуштените коњи по сообраќајниците и јавните површини?
Скопје е познат како град што, освен со кучиња скитници, има навистина растечки проблем и со пуштен крупен добиток и коњи што слободно шетаат по улици. Особено се забележливи помали групи коњи, кои неретко можат да бидат видени оставени по должината на средишните жардиниери на булеварите како пасат трева, при што претставуваат сериозна опасност за учесниците во сообраќајот. Во минатото, тој проблем се решаваше со пријавување во јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, од каде што со специјална приколка доаѓаа и го заловуваа животното, при што се бараше неговиот сопственик, а ако тој не се јавеше да си го земе животното, коњите се носеа во резерватот во националниот парк „Јасен“.
Сега, доколку граѓаните забележат коњ пуштен по скопските улици, нема каде да пријават. Имено, повеќето институции каде што се јавивме се прогласуваат за ненадлежни за нивно дислоцирање од улиците и зелените површини. Никој нема надлежност да ги дислоцира слободно пуштените коњи низ скопските улици.
НЕМА КАДЕ ДА СЕ ПРИЈАВИ?!
Доколку некој од граѓаните забележи коњ да пасе на јавна површина, нема каде да се обрати за истиот тој да биде заловен и транспортиран на безбедно место, или барем ние не успеавме да добиеме таков одговор. Во минатото оваа обврска им припаѓаше на вработените во јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, но, откако беше формирано ЈП „Лајка“, тие надлежности беа префрлени на ова претпријатие, што лесно може да се види и од програмата за работа на претпријатието од 2021 година, каде што се наведени нивните надлежности и ингеренции по ова прашање.
Меѓутоа, со програмата од 2022 година, оваа надлежност е избришана и делот што се однесуваше на коњите во новата програма повеќе го нема.
Во обид да добиеме одговор зошто третманот на коњите е избришан од програмата за работа, од претпријатието велат дека немаат никакви услови за чување коњи, ниту пак имаат стручни лица што би ги заловувале и би ги чувале овие животни.
– Тие имаат потреба од голем простор, а ние немаме никакви услови за овој тип животни. Ова е нерешено прашање, ние немаме простор за кучиња, за да го зголемиме капацитетот на работа, а камоли за коњи, за кои е потребен и специјализиран персонал, но и штала, и многу други работи што се потребни за овој вид животни – изјави директорката на претпријатието, Радмила Пешева.
Прашањето го поставивме и до градските власти, бидејќи пред нив одговараат сите јавни претпријатија што функционираат во градот.
Оттаму информираа дека според Законот за благосостојба на животни, општината односно градот нема таква надлежност.
– Агенцијата за храна и ветеринарство, во согласност со надлежноста, би требало на терен да ги утврди состојбите доколку има такви пријави и да постапи во согласност со своите ингеренции – информираа градските власти.
Своите прашања ги поставивме и во ЈП „Комунална хигиена“, кое до 2019 година ја имаше оваа обврска.
– Од 2019 година, ЈП „Лајка“ ги презеде сите права и обврски од ЈП „Комунална Хигиена“ – Скопје околу заловување и третман на бездомните животни (кучиња и крупен добиток) од јавните површини на територија на градот Скопје, додека ЈП „Комунална хигиена“ е задолжена со договор од 2019 година да подига мрши од умрени, згазени и отруени животни од јавни површини на територијата на градот Скопје – информираа од комуналното претпријатие.
Скопјани се сеќаваат дека во минатото беше набавена и специјална количка за транспорт на коњите од јавните површини. И приколката ѝ беше предадена на „Лајка“, а беше набавена по иницијатива на месните заедници и на граѓаните, бидејќи имаше многу случаи кога коњи шетаа по јавните зелени површини и по жардиниери низ градот, па постоеше реален проблем околу нивниот транспорт. Денес количката веќе не е во употреба.
Прашања упативме и во Агенцијата за храна и ветеринарство, меѓутоа, до затворањето на денешниот број, не добивме одговор.
Слики од метрополата наликуваат на вестерн-филмови
За граѓаните, најважно е да се воведе систем на следење на животните, особено на оние што имаат сопственици. Коњите, велат, не се како кучињата и не можат тукутака да се најдат среде улица.
– Тоа се животни намерно пуштени од нивните сопственици. И државата за тоа треба да има систем на идентификација на животните, да се пронајдат кои се нивните сопственици и соодветно да се санкционираат. Не може на секој што ќе му текне да пушта коњи по улици. Едно е да се со запрежна кола, иако и тоа е крајно нехуман начин, а сосема друго е животното да биде пуштено само. Има места каде што може да се прави тоа. А доколку сопствениците не можат да ги чуваат, имаат опција да ги продадат или едноставно да ги однесат во згрижувачки организации наменети за коњи. Решението не е да се исфрлат на улица – вели Раде Цветковски, жител на Карпош.
Изминатиот период во градот имаше доста големи проблеми предизвикани од пуштени коњи што слободно шетаа по скопските улици.
Неодамна во Аеродром, на средишната жардиниера на булеварот, имаше коњ што слободно шеташе и пасеше трева, додека возилата, вообичаено во голем број, минуваа крај него.
Вакви слики често има и во Чаир и во Бутел, каде што неретко коњите се малтретирани од помладите генерации, кои по нив удираат со камења и стапови.
– Нам пред неколку години ни се случи сериозен инцидент со коњ, кој излета на улица, од страв скокна врз нашето возило и го искрши ветробранското стакло. Среќа што немаше посериозни последици, но стресот беше огромен – вели Весна Иванова, жителка на Аеродром.
Проблемот со испуштените и избегани коњи што слободно шетаат низ градот е присутен и загрижува. Можеби не е толку чест, како со кучињата скитници, но сепак не треба да се остави да се решава сам од себе. Надлежните, кои и да се, треба да најдат решение.