Кучиња скитници организирано се носат од околните села во Битолско и се пуштаат во Битола

Кога станува збор за (не)решавањето на проблемот со кучињата скитници во Битола, битолчани на шега велат дека тој проблем за градот под Пелистер не постои. Имено, шеговитите битолчани велат дека во Битола веќе одамна „нема кучиња скитници“, бидејќи тие во изминатите неколку години се имаат населено во самиот центар на градот, поточно на Широк сокак и веќе се имаат стекнато со „станарско право“.
На оваа култна пешачка улица, по која најчесто шетаат битолчани, во последните неколку години едноставно врие од кучиња. Ги има од сите раси и бои. Удобностите што ги уживаат кучињата скитници во самиот центар на градот ги натераа кучињата од околните села, или приградските населби, едноставно да се преселат во Битола. И додека луѓето во Битола, особено младите, секојдневно се иселуваат во некоја од европските и прекуокеанските земји, кучињата од околните села на општината едноставно се преселија во градот, коментираат повторно шегаџиите.
Но, наспроти шегите, тоа што особено ги загрижува надлежните во општината е што покрај тоа што некои кучиња сами залутале и се доселиле во Битола, според сознанија на локалната самоуправа голем број кучиња од селата во последно време организирано се носат во Битола и се оставаат да живеат тука.
Оваа појава зеде толку голем замав што ја принуди локалната самоуправа на Битола да излезе во јавноста со апел, со кој ги повика граѓаните, доколку забележат носење на кучиња на одредени локации, да ги запишат регистарските таблички на возилата со кои се врши транспортот и да ја информираат Општина Битола преку посебен телефонски број.
Според информациите на локалната самоуправа на Битола, во градот има континуиран прилив на кучиња од блиските приградски и селски региони, и тоа од: Горно и Долно Оризари, Поешево, Индустриски пат, Кравари и Буково, предел над касарната со селото Лавци, Брусничка Населба со селото Брусник, Довлеџик, месноста над Црн мост, Баир, Ушици и регионот над тунелот до селото Раштани и Крклино.
Таквиот голем прилив на кучиња скитници од околните села ја натера Општина Битола повторно да почне со заловување на бездомните кучиња, иако од тој начин на решавање на овој проблем, локалната самоуправа пред неколку години се откажа и ја укина шинтерската служба на ЈП „Комуналец“, оставајќи ги кучињата скитници слободно да шетаат низ градот.

– Во согласност со програмата за животна средина и програмата за решавање на проблемот со бездомните животни, како и склучениот договор на Општината за набавка на услуги за заловување и стручен третман на кучиња скитници и нерегистрирани кучиња на територијата на општината Битола, економскиот оператор „Проветалек“ ДООЕЛ, чие седиште е во Демир Хисар, од 11 ноември досега има извршено заловување и ветеринарен третман на 88 бездомни кучиња – соопштија надлежните од локалната самоуправа.
Ангажирањето на приватната фирма „Проветалек“ е само потврда дека кога станува збор за згрижувањето и дисциплинирањето на кучињата скитници во Битола, тоа е практично невозможно без да биде вклучена специјализирана компанија.
Колку за потсетување, само пред две години, поточно во мандатот на бившата градоначалничка Наташа Петровска, беше донесена одлука да се укине шинтерската служба во Битола и да се затвори стационарот за заловените кучиња во зоолошката градина, бидејќи таквиот начин на третирањето на кучињата скитници не бил хуман. По донесувањето на таквата одлука, во Битола енормно се зголеми бројот на бездомните кучиња, кои буквално го запоседнаа градот.
Иако јавноста во Битола тогаш беше убедувана дека тие не се опасни, бидејќи се кастрирани и вакцинирани, сепак слободното движење на кучињата скитници низ улиците во Битола скапо ја чинеше Општината, која мораше од градскиот буџет како отштета за граѓаните каснати од кучињата минатата година да плати, ни помалку ни повеќе, туку над 20.000 евра. Но тогаш казната, покрај Општината, ја плаќаше и ЈП „Комуналец“, што сега не е случај.
Во рамките на преземените мерки, интересен е уште еден аспект на проблемот. Согледувајќи дека проблемот со кучињата скитници во Битола не е ни наивен ни безопасен, локалната самоуправа деновиве објави дека во согласност со Законот за заштита и благосостојба на домашните миленици, сопствениците на домашни миленици во иднина не смеат да ги напуштаат домашните миленици, за што во следниот период ќе се спроведуваат зголемени контроли и заловувања.

Така, Општина Битола во наредните неколку дена, поточно од денеска до 3.2.2023, заедно со економскиот оператор „Проветалек“ ДООЕЛ, во согласност со склучениот договор со Општината за набавка на услуги за заловување и стручен третман на кучиња скитници и нерегистрирани кучиња на територијата на општината Битола, ќе врши заловување на кучиња низ неколку фреквентни улици во градот.
Податоците за секое заловено куче ќе се внесуваат во ветеринарно-информативниот систем, а во него ќе се апострофираат податоците за локацијата на заловување (геокоординати), извршен тест за социјализација, аплицирана ушна маркичка со број и ознака БТ, баркод од микрочип, извршен тест за детекција на антитела на лајшманија, хируршки зафат – кастрација или стерилизација, вакцинација против беснило со дехелментизација и податоци за враќање во реон на заловување или вдомување, со што на овој начин се врши соодветен хуман третман на кучињата, но и заштита на населението, како од каснувања, така и од можноста за создавање средина што е потенцијален извор за пренесување одредени зоонози и паразитарни заболувања.
Она што е особено значајно за надминување на проблемот е дека за да се реши проблемот со кучињата скитници во Битола, Општината донесе одлука за изградба на стационар за кучињата скитници. Во таа насока е донесена одлука на советот на Општината за адаптација на објект за ветеринарна заштита – прифатилиште за кучиња, за што од буџетот за 2023 година се издвоени 46.586.092 денари, или над 750 илјади евра.
– Во почетокот на оваа година ќе биде распишана јавна набавка за адаптација, по што ќе започне изведбата на терен. Во меѓувреме, до објектот е донесена санитарна и техничка вода, како и одводна мрежа, а минатата година е направен проект и обезбедена е дозвола за градба – велат од локалната самоуправа на Битола и укажуваат дека и натаму ќе преземаат соодветни мерки за надминување на овој горлив проблем.