Европската Унија треба да го гарантира почитувањето на правата и безбедноста на Бугарите во Македонија со истата енергија со која инсистираше на забрзување на нејзините евроинтеграции, порачал бугарскиот претседател Румен Радев во телефонски разговор со комесарот за проширување и соседска политика на Европската Унија, Оливер Вархеји.
-Крајно време е институциите во Република Северна Македонија ефикасно да се спротивстават на насилството и вербалните изрази на омраза кон Бугарите – рекол Радев, пренесува БТВ.
Тој нагласил дека зачестените случаи на агресија врз Бугарите во Македонија бараат дефинитивен институционален одговор.
-Обидите да се омаловажат и да се третираат само како криминални случаи не се во интерес на билатералните односи и европската перспектива на РСМ. Неработењето и немањето казна стимулираат злосторства од омраза – се наведува во соопштението од кабинетот на бугарскиот претседател.
В.д. министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, денеска во емисијата „Денот започнува“ на БНТ, изјави дека Бугарија ќе ги преземе сите мерки за случајот „Пендиков“.
Тој рече дека кога се случил нападот врз Пендиков првично настанала паника и властите на различни нивоа признале дека се работи за кривично дело од омраза. Потоа почнале, посочи Милков, да се шират сценарија дека Пендиков „бил наркозависник и дилер, а најхрабрите тврдат дека бугарските клубови се места на организиран криминал и дека се финансирани од трговија со дрога“.
-Ова е наратив кој не можеме да го прифатиме и ќе ги преземеме сите мерки -рече Милков.