Свечено отворање на ликовната поставка посветена на ликовниот уметник Стојан Апчевски, едно од големите имиња на битолската и македонската ликовна сцена, кој го обележи минатиот век, е закажана за 26 јануари, четврток, во 19 часот, во Офицерски дом – Културен и информативен центар во Битола.
Со оваа изложба започнува новата ликовна сезона на КИЦ – Битола, која ќе биде обемна и респектабилна.
– Над педесетгодишното сликарство во Битола, современо и актуелно, создавано од годините по ослободувањето до крајот на 20 век, денес е речиси пред исчезнување, без систематски и целосно обработен преглед за сите автори, без галерија-музеј за овој творечки неповторлив феномен. Сликарството на Стојан Апчевски е обид и предлог да се направи една покомплетна ревизија кон ова сѐ поинтересно и позначајно дело, кое е рамноправен дел од тие неповторливи големи денови за културата на Битола – пишува Владо Ѓорески.
Опусот на Апчевски се развивал, дополнувал по одредена траекторија во која е вградена сериозна кореспонденција со современите ликовни изрази забележани по творечките центри во Југославија, а и пошироко.
– Неговите „почетоци“ се со темни бои, на границата од импресијата и внатрешниот песимизам. Стојан Апчевски, со оваа сериозна внатрешна борба, ќе го постави специфичниот македонски експресионизам, пред Петар Мазев и Глигор Чемерски – можеби звучи малку претенциозно, но неговиот див „неконтролиран “ експресионизам, густо нанесуван, жестоко соочуван со формите и композицијата е првиот и можеби е единствен бунтовнички експресионизам, кој ќе ги раскрши сите пасторални илузии за разубавувачката улога на уметноста. Тоа е творештво што пополека, но моќно ќе ја регистрира бунтовноста, силно, чисто, апсолутно сликарски изразена – посочува Владо Ѓорески.
Севкупното творештво на Стојан Апчевски, гледано во целина, е своевиден храбар, бескомпромисен, неконвенционален, оригинален, творечки темпераментен и силен крик, поставен наспроти сите дилеми, трагедии, пустоши на животот.
– Неговиот опус граден повеќе од четириесет години е потребно да се среди, да се открие, колку што може, и да се вгради во сигурните, значајни достигања на сликарството во Битола – дополнува Ѓорески.