Заврши снимањето на краткометражниот игран филм со наслов „Чудата во земјата на Алисите“.
Филмот е во продукција на „Колектив Ветерница“, односно станува збор за колективно авторство на целиот проект од сценариото до режија.
– Посебна заслуга за конечната реализација на филмот има соработката со „Трисомија 21“ – Скопје и нејзините членови, па, така, актерската екипа има 17 актери од инклузивниот ансамбл, кои вредно работеа во изминатите четири дена, во полно работно време, во услови на професионален филмски сет. Снимањето на филмот го направи и поддржа „Троика студио“ од Скопје – соопштуваат од „Колектив Ветерница“.
Станува збор за независна филмска продукција што се реализира со поддршка на донаторскиот кружок на „Конект“, односно неговото последно издание во јуни 2022 година, во кое беа вклучени индивидуалци и компании што ги негуваат филантропијата и културната продукција во која се вклучени децата, младите и атипичните лица. Според „Колектив Ветерница“, севкупно, овој филм е последица на ентузијазам, волонтерство и целосна посветеност на благородна, но достоинствена и долговечна продукција за деца, млади и атипични лица.
– Тригодишното патешествие „Чудата во земјата на Алисите“ на „Колектив Ветерница“ започна со идеја за претстава инспирирана од романот на Луис Карол, но уште во првите месеци се случи пресврт во животите на сите учесници, како и во светот воопшто. Оттогаш, Алиса се промени безброј пати, зеде неверојатно многу форми и на секој начин се обиде да ја раскаже приказната за непредвидливоста на животот, менувањето на расположението, комуникацијата низ различни медиуми, отвореноста, затвореноста… за својата конечна верзија да ја има на филмското платно – информираат „Колектив Ветерница“.
„Алиса“ е црно-бела визуелна наратива, која влегува во еден надреален свет на ликови што се во непрестан конфликт со сите околу нив, а најмногу со себе. Искршениот простор, нелогичноста и зачуденоста во реакциите, чувствата и дејствата во секоја сцена се олицетворение на многуте емотивни состојби на младиот човек. Филмот патува од лик до лик, го трансформира својот протагонист од сцена во сцена, чувствено го раздразнува со тајфата хористи, кои си поигруваат со Алисите, за на крајот секој на свој начин да открие како да се ослободи од личното стаклено ѕвоно.
Ова е втор краток филм на „Колектив Ветерница“ и е од особено значење за него, бидејќи ќе биде еден продукт што ќе сведочи за нашата самоодржливост и посветеност во работата со деца и млади, односно ќе го заокружи десетгодишниот јубилеј од постоењето на колективот и можеби конечно ќе направи некакви промени во општеството во однос на културата продукција на деца, млади и атипични лица.