Театарот „Златен Елец“ подготви нова претстава за деца „Тајната книга на дедо“. Авторка на претставата е Надица Петрова, претседателка на независниот театар, која ја игра и улогата на ликот Сара. Другите ликови ги играат актерите Ванеса Тримчевска, Пиринука Киселички, Филип Миленковски и Антониј Ѓорѓиев. Претставата е наменета за деца над три години. Трае 40 минути, а премиерата ја имаше викендов во „Јавна соба“.
– „Тајната книга на дедо“ е претстава за деца што низ ликовите на сестричките, дедото, животните и џинот, на детски, забавен и волшебен начин нѐ учи за вистинските вредности, за другарството, предрасудите и почитта кон постарите.
Низ оваа приказна нѐ водат Сара и Тара, две сестрички што имаат заедничка мисија – да ја пронајдат тајната книга на својот дедо и да откријат какви тајни се чуваат во неа! Со итар план, успеваат да го натераат дедо им да ги остави сами, за да ја најдат таа тајна книга. Штом ќе ја пронајдат, се впуштаат во еден нов волшебен свет на зајакот, желката, лисецот и џинот! Дали ќе ја откријат најголемата и најважна тајна – соопштуваат од „Златен Елец“.