Вработените од Кина, ангажирани во изградбата на автопатот Кичево-Охрид од кинеската компанија „Синохидро“, по десетти, јубилеен пат ја дочекаа Кинеската нова година далеку од својата земја, во кичевското село Извор. Бидејќи традицијата налага за Кинеската нова година да бидат со своите семејства и во своите домови, помал дел од вработените го одбележаа празникот во село Извор, каде на традиционален начин и со специјалитети својствени за нивната кујна ја дочекаа годината на зајакот.
– Работниците од далечна Кина ангажирани од градежната компанија „Синохидро“ по десетти јубилеен пат Кинеската нова година ја прославија во нашата земја. Тие за овој празник ги подготвија традиционалните специјалитети од ролнички, кнедли, нудли, риба, пилешко месо и овошје во поголеми количества, а за десерт ја подготвија неизбежната торта од ориз што симболизира успех. Бидејќи нивната традиција наложува за овој ден да бидат со своите семејства, поголем дел од нив се наоѓаат во родната земја – вели Дејан Тришоски, еден од вработените во оваа компанија.
Кинеската нова година не се прославува само во оваа земја, туку и во повеќе азиски држави како Северна и Јужна Кореја, Виетнам, Малезија и Индонезија, но и на европскиот и американскиот континент, секаде каде што живеат и работат Кинези. З.А.