Поболно од поразите, секако, беше прикажаната игра, во која доминираа малодушноста, слабата агилност на сите позиции, многуте грешки, некоординираноста на теренот, без транзиција и идејност во нападот. Македонија во својата група даде 77 гола, прими 108, односно имаше негатива од 31 гол, и го освои последното, четврто место

РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА НЕ СЕ ПЛАСИРА ВО ГЛАВНАТА ГРУПА НА СП 2023 ВО ПОЛСКА И ВО ШВЕДСКА

Македонската ракометна репрезентација, предводена од селекторот Кирил Лазаров, не успеа да се пласира во главната група на 28. Светско првенство (СП), кое до 29 јануари се игра во Полска и Шведска, со учество на 32 селекции. По двата убедливи пораза од Норвешка (28-39) и Холандија (24-34), беше доживеан и третиот, исто така висок, против Аргентина (26-35). Како четвртопласирана екипа во групата Ф, без ниту еден освоен бод, Македонија натпреварите ќе ги продолжи во Президент-купот (25-32 место), што секако ќе биде и најслаб пласман во нејзината историја по СП во Египет, кога заврши на 23-то место.
Поболно од поразите, секако, беше прикажаната игра, во која доминираа малодушноста, слабата агилност на сите позиции, многуте грешки, некоординираноста на теренот, без транзиција и идејност во нападот.
– Новиот тим, новите млади играчи, осумтемина дебитанти, треба многу повеќе да работат за да напредуваат. Имаме наша стратегија да работиме многу во иднина. Од репрезентацијата се повлекоа Стојанче Стоилов на 35 години и Филип Миркуловски на 39 години. Знаеме дека за нас ќе биде многу тешко на секое ЕП и СП. Имам одговорност, но успех за нас беше да сме тука. Ги минавме Романија и Чешка, тие се големи екипи. Не очекував победи на ниту еден од трите меча, но не очекував и да губиме со двоцифрена разлика на секој натпревар. Ракометарите не играа како што се договаравме. Не сум задоволен, треба многу повеќе работа во иднина. Видов многу работи кај секој играч. Верував во сите нив. Ова е ново искуство и за мене. Во иднина ќе мора да менуваме некои работи. Тука, на СП, се игра за пласман на квалификации за Летните олимписките игри, а сите репрезентации играа со најсилните тимови – рече селекторот Кирил Лазаров.

МАГДИНЧЕВ: АКО НАПРАВИМЕ СПОРЕДБА СО ЕП И ОВА СП, РЕПРЕЗЕНТАТИВНИОТ РАКОМЕТ ОДИ НАДОЛУ

Од она што беше видено, секако, беа разочарани и многу ракометни стручњаци.
– Со селекторот Кирил Лазаров секојпат сме разговарале за создавање репрезентација со адекватно подмладување, односно правење состав од помалку искусни и поискусни играчи, за во период од четири до шест години се создаде репрезентација што ќе биде за почит. Таква беше концепцијата. Но пред почетокот на ова СП, се почна со давање бомбастични изјави, во стилот од никого не се плашиме, ќе играме во скоро време како Норвешка, ќе оствариме две победи, па Аргентина е нашата шанса, и одеднаш доаѓаме до колапс со остварените резултати. И сето она што си го кажал претходно, оди во вода и одеднаш сега селекторот станува несериозен. Но и играчите се виновни за овој неуспех, ако сакаме да бидеме објективни. Се даде една погрешна претстава пред целокупната македонска спортска јавност, оти тие бомбастични најави пред СП ја убедија јавноста дека е тоа навистина така и сега одеднаш доживеавме три убедливи порази. Се покажа дека немаме ни капацитет ни знаење, одбраната бледа, никаква транзиција не видовме, нападот слаб и безидеен… Мене ми е криво што и двата голмана ги направивме дека се слаби, а тие се одлични голмани, но без одбрана, голманите не можат да сторат ништо. Првата работа што би сакал да ја истакнам за овој дебакл е погрешната селекција на играчи при изборот, оти ние имаме играчи што не беа земени а можеа да играат во првата постава. Подобро е лажен оптимизам отколку добар песимизам, но ова што го видовме на СП во Краков нема никаква подлога. Ако направиме споредба на ЕП пред една година и ова СП, репрезентативниот ракомет нема никаков напредок, туку, напротив, одиме надолу, а патем се покажаа некои карактеристики на играчите, дека и немаат репрезентативен калибар. Да не направиш едно-две исклучувања за 60 минути во одбраната, тоа за мене е просто неверојатно. Го почитувам и секоја чест за тоа што беше направен тој ревијален меч во Скопје пред одењето на СП, но беше одигран во многу лошо време. Јас лично сепак не сум за тоа Лазаров да си замине од селекторската функција, нека има мандат од четири години, ама повеќе да работи, а помалку да има дипломатија во изјавите. Што се однесува до другите селекции, за мене Тунис разочара, а пријатно изненадија Зелено`ртските Острови, Белгија, Бахреин. Прв фаворит за златото останува Шведска, но тука се и Данска и Франција, а јас сепак типувам за Исланд, кој има најсилна бековска линија – вели поранешниот ракометен селектор и стручњак Ристо Магдинчев.

ГЛИГОРОВ: НИЕ НЕ ИЗГРАДИВМЕ КРИТЕРИУМ ЗА ТОА ШТО ЗНАЧИ ДА БИДЕШ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ

Слично негативно мислење за она што го видовме во Краков има и ракометниот тренер Владимир Глигоров.
– Во сите сегменти на играта потфрливме и генерално дејствувавме неподготвено. Разочаран, сум, а очекував промена во стилот на играта. Видовме слаба одбрана, без никаква транзиција, многу технички грешки, тешко постигнување голови, индолентен однос на теренот, нешто што не сум го видел во репрезентацијата последните десетина години. Мене воопшто не ми беше проблем да не ја поминевме групата, туку многу е поболен начинот на кој ги загубивме трите натпревари, што од друга страна, пак, навестува дека нѐ чека сериозна работа во иднина на репрезентативен план. Македонија има ракометен потенцијал, но ако тој потенцијал вака се покажува на теренот, тогаш, за жал, ништо нема да направиме. Само зборуваме, даваме бомбастични изјави пред натпреварите, кои пак македонската јавност ги сфаќа сериозно и буквално очекува резултат од нив. Но репрезентацијата е од национален интерес, не моја, таа е на сите и треба да се бориш за неа. Не е битно дали ќе изгубиш со повеќе или помалку, но тоа да биде последица на голема борбеност на теренот. Очигледно овде проблемот е односот кон репрезентацијата. Ние не изградивме критериум за тоа што значи да бидеш репрезентативец. Ние секогаш имаме прво 35 имиња на поширокиот список во репрезентацијата, за подоцна без никаква проверка селекторот да скрати 13-14 имиња. Отсекогаш сум бил против тоа. Ние немаме 35 репрезентативци и затоа не треба толку ни да пријавуваме. Не треба да ги залажуваме младите играчи или да правиме услуга заради ваучерите, односно клубовите да имаат повеќе репрезентативци и да добијат повеќе пари. Ние не правиме репрезентација за приватен интерес, затоа и сум против ваучерите уште од самиот почеток. Ваучерот не претставува системско решение за развојот на спортот. Но ако сакаме репрезентативен успех, мора да направиме промена на системот на натпреварување. Нам ни треба една професионална лига од 10 екипи, овие што се сега во плејофот и да се игра четирикружно. Понатаму да ангажираме странски играчи, за да го подигнеме нивото на игра на домашните ракометари. На крајот, според изјавите на селекторот, излезе дека играчите не играле, дека лигата ни е слаба, дека Митревски немал добра сезона, Кузмановски имал епизодна улога… Па, Лазаров ги селектираше тие играчи! Знаеме кој е Кузмановски, но зошто имал плејмејкерска функција на теренот? Јас сум тренер и за евентуален неуспех, не можам да се кријам зад играчите, одговорноста е моја. Не сакам да звучи тенденциозно, но има многу работи што треба да ги објасни, а изјавите што ги дава се многу иритирачки и контрадикторни. Сега поголем проблем ќе биде како ќе го водиме ракометот во следните три-четири години, каде што ќе треба многу работа и од страна на играчите и од страна на селекторот. Па, и ние тренерите можеме на некоја трибина да разговараме и помогнеме во овој правец, оти некои работи зависат и од нас, но такви најави засега нема – анализира Глигоров.


Данска, Елисон и Гидсел најефикасни

Левото крило на Исланд, Бјарки Мар Елисон, и десниот бек на Данска, Матијас Гидсел, се најефикасни стрелци по прелиминарната фаза на СП, со по 26 дадени гола. Елисон, кој игра за бундеслигашот Фуксе Берлин, тоа го оствари од 33 удари (79 отсто), од кои шест од ударите од седум метри, додека Гидсел, кој ги брани боите на унгарски Веспрем, од 34 обида (76 отсто). Најдобар голман, пак, според постигнатиот ефект по оваа фаза, е Швеѓанецoт Тобијас Тулин, кој брани за данскиот клуб ГОГ, со 21 одбрана од 31 удар (68 отсто) остварени на два меча.
По трите одиграни кола во групите А, Б Ц и Д, доминираат Шведска во позитивен и Уругвај во негативен контекст. Така, Шведска има дадено најмногу голови (107), најмалку примени голови (57) и има најдобра гол-разлика (плус 50). Уругвај, пак, сосема спротивен, има најмалку дадени голови (61), а најмногу примени (115), како и најслаба гол-разлика (-54). Г.И.

Пораз на теренот, пораз и на трибините

Она што ги дополнуваше настапите на македонската репрезентација во минатото беше и навивачката група „Фаланга“, која постојано ги следеше и бодреше своите миленици. Но овој пат, како и тие да се вклопија во целокупната ситуација со поразите на теренот, па имаше и мала пресметка меѓу нив самите, што секако остава негативна слика не само за репрезентацијата туку и за самата држава. Исто така, по завршувањето на мечот со Аргентина, припадниците на „Фалангата“ со поделени чувства ги испратија своите ракометари, кои ќе продолжат во полскиот град Плок. Така се слушнаа и свирежи кон македонските ракометари, потоа аплаузи, а на крајот и скандирање „оставка, оставка“.

Против африкански селекции во Президент-купот

По дебаклот во првата фаза од Светското првенство, македонската ракометна репрезентација ќе игра во Президент-купот и ќе се обиде да избори што е можно подобар пласман. Ќе учествува во групата 2 со три африкански селекции: Алжир, Мароко и Тунис. Следен противник ни е Алжир, в четврток, од 15.30 часот, в сабота од 18 играме со Тунис, а на 23 јануари од 18 часот со Мароко. Другата група ја сочинуваат Чиле, Саудиска Арабија, Уругвај и Јужна Кореја. Во зависност од пласманот во овој дел, ќе се знае дали ќе се бори за 25., 27., 29. или претпоследното место на овој Мундијал. Без разлика на сѐ, јасно е дека ова ќе биде наш најслаб пласман на еден планетарен шампионат, имајќи предвид дека досега најлошо ни беше 23. место од претходното првенство, во Египет.


Прелиминарна фаза, 3. коло

ГРУПА Ф
Македонија – Аргентина 26-35
Холандија – Норвешка 26-27
ТАБЕЛА
Норвешка 3 3 0 0 6
Холандија 3 2 0 1 4
Аргентина 3 1 0 2 2
Македонија 3 0 0 3 0

Втора фаза
ГРУПА 1
Шпанија 2 2 0 0 4
Франција 2 2 0 0 4
Словенија 2 1 0 1 2
Црна Гора 2 1 0 1 2
Полска 2 0 0 2 0
Иран 2 0 0 2 0
Двојки, вчера: Иран – Словенија, Франција – Црна Гора, Шпанија – Полска

ГРУПА 2
Шведска 2 2 0 0 4
Португалија 2 2 0 0 4
Исланд 2 1 0 1 2
Унгарија 2 1 0 1 2
Бразил 2 0 0 2 0
Зелено`ртски О. 2 0 0 2 0
Двојки, вчера: Португалија – Бразил, Зелено`ртски О. – Исланд, Шведска – Унгарија

ГРУПА 3
Норвешка 2 2 0 0 4
Германија 2 2 0 0 4
Србија 2 1 0 1 2
Холандија 2 1 0 1 2
Катар 2 0 0 2 0
Аргентина 2 0 0 2 0
Двојки, денеска: Катар – Холандија (15.30 ч.), Германија – Аргентина (18 ч.), Норвешка – Србија (20.30 ч.)

ГРУПА 4
Данска 2 2 0 0 4
Египет 2 2 0 0 4
Хрватска 2 1 0 1 2
Бахреин 2 1 0 1 2
Белгија 2 0 0 2 0
САД 2 0 0 2 0
Двојки, утре: САД – Бахреин (15.30 ч.), Египет – Белгија (18 ч.), Данска – Хрватска (20.30 ч.)

Президент куп
ГРУПА 1
Чиле
С. Арабија
Уругвај
Ј. Кореја
Двојки, вчера: Чиле – С. Арабија (15.30 ч.), Уругвај – Ј. Кореја (18 ч.)

ГРУПА 2
Алжир
Македонија
Мароко
Тунис
Двојки, денеска: Алжир – Македонија (15.30 ч.), Мароко – Тунис (18 ч.)s

[email protected]