Илустрација / Архива / Фото: Игор Бансколиев

Наглите температурните промени, во комбинација со сезонскиот грип, деновиве ги наполнија амбулантите со пациенти. Иако утринските температури се ниски, во текот на денот тие достигнуваат и до 17 степени, што е невообичаено за јануари, кој во одредени денови личи како да е пролет. Променливоста на температурата на воздухот не е карактеристична за овој период, а со променливото време и температури зачестуваат и здравствените проблеми на граѓаните. Д-р Маргарета Атанасовска-Трипуновска, специјалистка по општа медицина во Итната медицинска помош во Скопје – 194, вели дека актуелните временски услови влијаат како на здравите, така и на болните лица,
– Временските промени влијаат врз здравјето и граѓаните може да се соочат со вртоглавици, главоболка и нагони за повраќање. Поради променливото време доаѓа до зголемување на крвниот притисок и се зачестени колапсите, бидејќи организмот не може да се приспособи на временските промени – вели Атанасовска-Трипуновска.
Таа препорачува граѓаните да не се плашат и да мируваат, за да може организмот да се приспособи.
Дополнително, зголемен е бројот на граѓаните со симптоми на покачена температура и кашлица, кои се резултат на сезонскиот грип, во комбинација со ковидот и загадувањето. Покачената телесна температура најчесто се јавува како резултат на настинки, грип или коронавирусот. Лекарите нагласуваат дека тоа, всушност, е показател дека имуниот систем работи напорно за да се избори со инфекцијата.
Д-р Маргарета Атанасовска-Трипуновска вели дека покачената температура најчесто не е опасна состојба и поминува за кратко време, без посебни лекарства. Доколку температурата е повисока од 39,4°С повеќе од три дена, последователно, тогаш треба да се побара медицинска помош. Се препорачува пиење доволно течности и вода, јадење храна што полесно се вари, одморање и туширање со млака вода.
Инаку, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), под влијание на циклонска активност и серија влажни воздушни бранови, продолжува периодот на променливо облачно време, со повремени врнежи од дожд.
– Во наредниот период нѐ очекуваат врнежи на повеќе места и грмежи, како и повремено силен ветер (над 70 км/час) од јужен правец, што ќе услови топло време за овој период од годината – информираат од УХМР.
Позначителен пад на температурите може да следува во текот на викендот. Д. Ст.