Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) објави дека најновата подваријанта на коронавирусот кој брзо се шири не е голем ризик за повеќето луѓе во Европа. Научниците предупредија дека ранливите групи како што се постарите, невакцинираните или оние со компромитиран имунолошки систем се со умерен до висок ризик од новата омикронска подваријанта XBB.1.5, попозната како кракен.
Но, тие истакнаа дека ризикот за општата популација во Европската економска област се чини дека е низок.
– Постојат неколку непознати во врска со подваријантата XBB.1.5 и оваа проценка може да се промени во наредните недели бидејќи ќе бидат достапни повеќе докази – се вели во извештајот.
Подваријантата XBB.1.5 на омикронската варијанта на коронавирусот многу брзо се шири во САД, но сè уште е релативно ретка во Европа. ECDC очекува брзо проширување.
Математичките модели сугерираат дека подваријантата XBB.1.5 би можела да стане доминантна во Европската економска област (ЕУ, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка) за месец или два. Досега, нема докази дека оваа подваријанта предизвикува потешка болест од претходните омикронски субваријанти – според ECDC.
Институтот Роберт Кох, германска агенција за контрола и превенција на болести, објави дека XBB.1.5 е потврден само во 1 процент од примероците од заразени лица анализирани во лабораторија. СЗО денеска го скрати препорачаниот период на изолација за заразените со Ковид на 10 дена за оние кои имаат симптоми и пет дена за оние кои немаат. Досега препораката беше 13 дена изолација за лицата со симптоми и 10 дена за оние без симптоми.