Во изминатите години, според повеќе наши соговорници, пожарникари од Скопје, имало чести пожари предизвикани од новогодишни светилки. Нашите соговорници истакнуваат дека е исклучително ризично и живите и вештачките новогодишни елки да се китат со светилки што се купени без да имаат сертификат за безбедност. И природното и пластичното вештачко дрво се многу лесно запаливи. Од топлината на светилките или од краткиот спој кај украсните светилки постои исклучително голем ризик од оган и фатални пожари, особено ако истите тие се без надзор или без присуство на човек што веднаш може да го забележи почетокот на инцидентот
Да се обрне внимание на најчестите причини за избувнување пожари во домаќинствата
Повеќе од сто илјади лица на годишно ниво гинат во пожари во своето живеалиште или престојувалиште низ светот, најчесто во зимските периоди кога луѓето поминуваат повеќе време дома отколку надвор.
Токму како поткрепа на оваа теза има една интересна статистика од Соединетите Американски Држави, која ја издвојуваме како показател, а тоа е дека „47 проценти од пожарите во домаќинствата и 56 проценти од пожарите во кои имало и жртви се случиле во периодот од ноември до март, и тоа од пет до осум часот попладне“.
Имено, тоа е периодот кога повеќето од луѓето доаѓаат дома од работа, приготвуваат вечера и извршуваат други домашни работи. Само 19 проценти од пријавените пожари се случиле во периодот од 23 навечер до седум часот наутро, период во кој вообичаено повеќето спијат. Педесет и два процента од тие пожари резултирале фатално за луѓето, бидејќи спиеле и не можеле да го откријат пожарот навреме.
Во Македонија, пак, официјална статистика за пожари во кои има жртви не постои, меѓутоа загрижува фактот што уште во ноември пожарникарите предупредија на зима што ќе биде причина за зголемување на пожарите на затворено.
ПУШЕЊЕТО И ГОТВЕЊЕТО како ризик-фактор за пожар
Неоспорен факт што го истакнуваат нашите пожарникари, но и пожарникарите низ светот е тоа дека пушењето е еден од главните ризик-фактори за да се случи пожар во домот. На табелата ризик-фактори потоа следуваат невнимателното користење на електричните уреди во домот, па неисчистените оџаци… Како што информираат пожарникарите, најчесто причина за пожар предизвикан од цигарите се неизгаснато догорче, заборавена цигара или, пак, паднат жар на леснозапалив материјал. Според достапните статистики, во Соединетите Американски Држави, но и во Европа, честа причина за пожар е невнимателноста при готвењето. Во САД, дури 42 проценти од пожарите се случиле за време на готвење на гас. Но причина за пожар е и невнимание при готвење на електричен шпорет, заборавена рингла или, пак, тенџере. Пламените јазици причинети од вжарените рингли многу брзо можат да излезат од контрола и да ја зафатат целата кујна, проширувајќи се на остатокот од куќата.
Според македонските пожарникари, она што во македонските кујни е најголем проблем, е уредувањето на просторот, односно поставените завеси во непосредна близина на шпоретот, па во случај на пожар при готвење, пламените лесно ги зафаќаат завесите од кои пожарот за само неколку секунди ја зафаќа целата просторија.
ЕЛКИТЕ И новогодишните светилки СЕ ОПАСНИ доколку се остават БЕЗ НАДЗОР
Иако поминаа новогодишните празници, кај нас новогодишните елки сѐ уште стојат украсени. Традиционално, стојат украсени до православниот празник Богојавление-Водици, што значи, уште три недели по пристигнувањето на Новата година.
Многумина, според пожарникарите, ги оставаат вклучени светилките, иако не се свесни за опасностите што ги причинуваат тие.
– Голем ризик се живите елки, но и пластичните доколку на нив има светилки. Ризикот кај природните елки во комбинација со светилките резултира со пожар затоа што дрвото е многу лесно запаливо додека, пак, кај пластичните елки доволен е краток спој во украсните светилки. Во двата случаја постои ризик од фатални пожари. Во минатите години имавме доста чести пожари предизвикани од новогодишните светилки. За среќа, во последниве години како конкретна причина за пожар не биле светилките. Најверојатно со текот на времето луѓето се освестија, па престанаа да ги оставаат вклучени кога не се во своите домови – вели пожарникар од Скопје.
Од тие причини, пожарникарите советуваат украсните светилки секогаш да бидат исклучени во периодите кога домот е празен, но и во вечерните часови, кога сите членови на семејството спијат.
Неисчистените ОЏАЦИ, СЕРИОЗЕН РИЗИК ЗА БЕЗБЕДНОСТА
Во Македонија можеби една од најчестите причини за пожари во зимскиот период се неисчистените оџаци во домаќинствата. Тоа во изминатиот период беше во фокусот на надлежните, со оглед на економската состојба на граѓаните како последица на кризата во која западна целиот свет. Многу домаќинства, иако набавија други системи за греење, оваа зима си се вратија на традиционалното загревање на домовите – со печки на дрва, а тоа значи дека оџаците низ кои излегува чадот можат да претставуваат сериозна закана за безбедноста и животот на луѓето. Пред почетокот на грејната сезона, командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Звонко Томески, истакна дека очекува зголемување на бројот на интервенции во затворен простор. Тој тогаш апелираше да се внимава со управувањето со печките за греење и навреме да се исчистат оџаците.
– Апелираме навреме да се исчистат димоводните канали и да не се оставаат запаливи материи и непотребно количество огревен материјал околу печката за греење – истакна тогаш Томески.
Уште тогаш, иако бројката на интервенции се движела во рамките на годишниот просек од 1.200 пожари на годишно ниво, беше забележано зголемување на бројот на пожари на затворен простор, кои, според него, опфаќаат повеќе од две третини од вкупниот број пожари.
– Во 99 проценти од случаите причина за пожарите е човечкиот фактор. Апелираме сите недостатоци да се отстранат што е можно поскоро бидејќи, имајќи предвид дека е енергетска криза, очекуваме грејна сезона во која ќе се гори сѐ и сешто. Луѓето ќе се обидуваат да се затоплат не избирајќи средства, а тоа значи зголемена потенцијална опасност од пожар – додаде Томески.
Ризична група граѓани што се високозагрозени од пожарите
Постарите лица, наркозависниците, алкохоличарите, децата и лицата со одреден инвалидитет се ризик-групата, која најчесто не ги преживува пожарите.
Постарите лица не се подвижни, слухот, видот и рефлексите повеќе не ги служат, па затоа тие спаѓаат во ризичната група. Неможноста да слушнат и да изреагираат навремено носи ризик за нивните животи.
Наркозависниците и алкохоличарите исто така спаѓаат во ризичната група, па затоа и дрогата и алкохолот се едни од главните ризик-фактори за избивање пожар. Секако, не сами по себе, туку доколку одредено лице е под нивно дејство. Во издрогирана или алкохолизирана состојба, лицето не е свесно за опкружувањето, па доста често и завршува како жртва во пожар.
И самотијата е смртоносна. Поголемиот број студии покажуваат дека кога човек живее сам, постојат поголеми шанси да настрада во пожар.
Во ризичната група спаѓаат и децата, кои воопшто не се свесни за опасноста од пожарот. Тие доста често низ игра се запознаваат со огинот, па невниманието на возрасните и незнаењето на децата за опасноста на која се изложуваат резултираат со сместување на најмалите во ризичните групи.