Велика Британија, според голем број економски експерти, е западноевропска земја што се соочува со најголемата економска криза во екстремно сложената измината година. Тоа најдобро го илустрира фактот што земјата смени дури двајца премиери во 2022 година и доби трет, Риши Сунак – кого, сепак, го чека многу тешка задача. Земјата е оптоварена со економски тешкотии, висока инфлација, многу лоша социјална состојба и сѐ почести протести на незадоволни луѓе и штрајкови на вработените – како што се железничарите, чиј штрајк за време на предбожиќните празници речиси ја парализира земјата. Поради сето ова британските медиуми воопшто не го поштедија Сунак, а како што стојат работите нема да го поштедат ниту во 2023 година.
Според „Фајненшл тајмс“, угледен медиум што ги пренесува ставовите на економистите, годинава „Велика Британија ќе се соочи со една од најлошите рецесии и најслабото закрепнување во Г7, бидејќи домаќинствата плаќаат висока цена за погрешните пресметки на владините политики“.
Инфлацискиот шок предизвикан од пандемијата и руската инвазија во Украина ќе трае подолго во Британија отколку во другите земји, што, според нив, ќе ја принуди Банката на Англија да ги задржи високите каматни стапки, а владата да „води построга фискална политика“.
Британскиот БДП ќе продолжи да паѓа во 2023 година. Според „Консензус економикс“, тој ќе се намали за 1 отсто, додека БДП на САД ќе се зголеми за 0,25 отсто.
„Рецесијата во 2023 година ќе биде многу полоша од економското влијание на пандемијата“, вели еден од соговорниците на овој економски портал.
Банката на Англија ја зголеми основната каматна стапка за 50 базични поени на 3,5 од 3 проценти. Регулаторот исто така соопшти дека британската економија влезе во рецесија, која се очекува да трае во текот на 2023 година и првата половина на 2024 година. Годишната инфлација во Велика Британија во ноември 2022 година изнесуваше 10,7 проценти.
Но ако премиерот Сунак може да се утеши со нешто, тоа се зборовите на шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, која изјави дека 2023 година ќе биде тешка година и за светската економија. Причината е што САД, Кина и Европа доживуваат забавување на економскиот раст.