Свети Наум Охридски – eден од основоположниците на македонската и словенската писменост

Св. Наум Охридски бил еден од најблиските ученици и соработници на браќата Кирил и Методиј. Од својата младост тој ги следел учителите во Велика Моравија,
каде што во текот на многу години го проповедал божјото слово на словенските народи на нивниот роден јазик. Св. Наум изградил манастир во чест на светите
архангели, на јужниот брег на Охридско Езеро и околу него се собрале многу монаси, бидејќи тој бил мудар учител и молитвеник. Неуморно се трудел над преводот на Светото писмо на словенски јазик, а заедно со Св. Климент биле наречени новите Мојсеј и Арон

ПОВОД: 1.112 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА СВ. НАУМ

На денешен ден, 5 јануари, се одбележуваат 1.112 години од смртта на Свети Наум Охридски, познат и како Чудотворец, еден од основоположниците на македонската и словенската писменост и просвета, заедно со светите браќа Кирил и Методиј, како и со Св. Климент. Тој останува запаметен како исцелител и просветител на македонскиот народ, како и заштитник на манастирот „Св. Наум“ во Охрид. Неговиот култ е особено негуван во охридскиот, но и во преспанскиот крај и Корча, но култот кон Св. Наум бил раширен и во Унгарија и Романија, каде што имало иселеници од овие региони.
За животот и дејноста на Св. Наум Охридски малку се знае, иако со Св. Климент Охридски се најпознати и најзначајни ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим кон крајот на 867 година бил духовно посветен и дека по смртта на Методиј во 885 година, преку Бугарија, дошол во Македонија. На брегот на Охридско Езеро го основал манастирот на светите архангели, денешен „Свети Наум“, кој го носи неговото име.
Во Македонија, во Охридската книжевна школа, Наум Охридски успешно ја продолжи целокупната дејност на Климент Охридски. Познато е дека се занимавал со литературна дејност, а од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил учител, просветител, кој се разбира во народната медицина.
Академик Цветан Грозданов истакнува дека од спомениците на најстарата словенска уметност кај Јужните Словени, само во манастирот „Свети Наум“ на Охридско Езеро е одржан духовниот живот од неговата изградба, пред 1.100 години, до денес.
– Манастирот на Св. Наум Охридски стана едно од неколкуте најстари огништа на писменоста во словенскиот свет, каде што се зачувани придобивките на Моравската мисија на Св. Кирил и Св. Методиј, по прогонот на нивните ученици од Средна Европа. Наумовиот манастир, од своето формирање наваму и по разорувањето на Самоиловата држава, ги зачува словенската писменост и богослужба на јазикот на македонските Словени – нагласува Цветан Грозданов.

Св. Наум, освен по црковната дејност, е познат и како македонски средновековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за апостолот Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“ и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“. Во Житието на Свети Наум се вели дека тој е брат на Свети Климент. Некои научници сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа.
Во „Постарото словенско житие на Свети Наум“ се вели: „Кога го поставија Климента за епископ, истиот благоверен цар Симеон го прати Наума, другарот негов, на негово место за учител. И тој беше таму чинејќи богоугодни подвизи. Беше девствен од детинство до смрт и си изгради манастир на излезот од Белото Езеро… И пред својот конец прими калуѓерски чин и така почина.“
Неговиот култ најмногу е одразен во преданијата раскажувани во охридскиот крај од најстари времиња. Народните преданија се среќаваат во зборниците на браќата Миладиновци и Кузман Шапкарев. Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 5 јануари 910 година, во манастирот „Свети Наум“, на брегот на Охридско Езеро, а култот за него започнал да се шири во Македонија, во јужнословенските средина, како и во Албанија и Грција.

Манастирот „Свети Наум“ е изграден на висока карпа, над самото Охридско Езеро, на најјужната негова точка, во една месност со ретка природна убавина. Св. Наум пред крајот на својот живот го основал манастирот „Св. Архангел“ и во 910 година бил погребан таму.
Оваа црква по својот првобитен облик била речиси идентична на црквата „Св. Пантелејмон“ во Охрид. Во периодот помеѓу 10 и 13 век, Наумовата црква била целосно урната. Околу 16 век на нејзините темели е подигната сегашната црква, и тоа во две етапи. Отпрвин, при обновувањето, се изградени наосот и нартексот, а во втората, двете куполи – над наосот и нартексот. Сегашната црква ги носи преправките и таа има форма на впишан крст во квадратно пространство со купола, поставена на четири столба. Гробницата на Наум е посебна зграда, со широка и ниска купола. Д.Ст.