Веќе неколку години, пишувајќи за „Нова Македонија“, крајот на претходната и почетокот на следната година ги посветувам на годишен поглед – анализа на главните случувања, трендови и предизвици за претходната и следната година, Првиот чекор е преглед на пишуваното во текот на годината и, секако, претходните написи со годишните погледи. Минатите се насловени „2021 – има ли крај на разочараноста“ и „2022 – има ли причини за оптимизам!“. Насловите одразуваат еден темен, депресивен и разочаран поглед со една надеж, таа неопходна состојка на животот, за нов агол, нов почеток. Темниот поглед секако се должеше на пандемијата на ковид 19, геополитичките тензии во светот и уназадување во сите аспекти дома, во Македонија.
Пред една година посакав „2020-та, оди си и не повторувај се!“, одраз на силната желба пандемијата на ковид-19 или коронавирусот што го погоди светот и нас на невиден начин да остане зад нас! И коронавирусот остана зад нас, за жал не во 2021 година, туку во 2022 година. По неколку варијанти на коронавирусот, дојдовме до варијантата омикрон, која иако најзаразна варијанта, престана да ги полни болниците и гробиштата како претходните варијанти. Тоа и очекувањата за опфат со вакцинација беа главните фактори да се очекува крај на пандемијата. Но некако чудно и за мој вкус, коронавирусот замина од јавниот интерес, нема вакцинација (кај нас повлечен предлог-закон за задолжителна вакцинација), нема мерки, нема извештаи на ТВ, дури и Кина ја напушти политиката на нула ковид. Дали коронавирусот падна во сенка на геополитичката ескалација со војната во Украина? Или, пак, се стекна доволно научно искуство за деескалација на корона-паниката? На пример, со искуството на Шведска, која немаше посебни корона-мерки, а е меѓу земјите со најмал „вишок на смртност“ и со помали економски штети? Што и да беше, лани ова време Новак Ѓоковиќ беше протеран од Австралија, бидејќи не бил вакциниран, а сега е веќе на подготовки за „Австралија опен“. Пресврт за една година.
Како што може да се постави прашањето дали коронавирусот падна во сенка на геополитичката ескалација со војната во Украина, може да се постави и обратното прашање, дали крајот на пандемијата ја овозможи геополитичката ескалација. Веројатноста за поголем геополитички инцидент, за што почна да се говори во 2020 година, се сметаше дека е намалена од кризата на политичките институции во САД и секако со претседателските избори, дефинитивно се одложи поради вниманието и ресурсите што сите влади мораа да ги посветат на ковид-19. Или, пак, неславното повлекување од Авганистан или крајот на американскиот интервенционизам, кој започна со војната во Авганистан, а продолжи со Ирак, Сирија и Либија и фијаското во поствоеното градење на државите, што сигурно го намалува апетитот за војни на Западот, беше погрешно протолкувано од Русија како момент на слабост на Западот и можност за агресија врз Украина?
Војната во Украина, како геополитичка ескалација на односите Запад – Русија, како и натамошната ескалација меѓу САД и Кина, и вербална и трговска, ги поттикна тезите за крај на глобализацијата, за раздвојување/поделба на светот, за нова студена војна (СтуденаВојна2). Покрај сѐ појасната стратегиска координација на „Dragonbear“, змејот-мечка или Кина и Русија, видливо е приближувањето и на Иран. И други земји се приближуваат кон БРИКС и други групации алтернатива на западните групации. Нови динамики има и во односите Запад – ислам, со сѐ поголемо свртување на Саудиска Арабија кон Кина. Тоа веќе води кон обновување на односите Турција – Сирија, како и до понуда на Иран за нормализација на односите со Саудиска Арабија. Ова може да доведе до примирје/мир во Сирија и Јемен.
На позитивната страна се случи пробивот во енергетиката, каде што научници од националната лабораторија „Лоренс Ливермор“ во Калифорнија за првпат постигнаа фузија со која се добива повеќе енергија од тоа што се троши. Иако до комерцијална употреба има децении, перспективите за неограничен и еколошки попријателски извор на енергија се зголемуваат.
Но изворот на темен, депресивен и разочаран поглед е пред сѐ Македонија. Оптимизмот дека нешто ќе се промени со заминувањето на Зоран Заев заврши. Стана јасно дека оставката на Зоран Заев не е знак на свесност дека политичкиот систем заснован на клиентелизам и корупција е потрошен. Практиката дај „ново дете“ е замајување и не траеше многу. Димитар Ковачевски не успеа да донесе министер за правда и јавен обвинител подготвени за пресметка со корупцијата во врвот. Ниту министер за транспорт и за економија што ќе ги придвижат јавните вложувања, инфраструктурата, енергетиката и економијата. И го прифати понижувачкиот француски предлог и ја турка нацијата во нова поделба околу измените во Уставот. Единственото добро направено е поддршката на Украина и нашите сојузници од ЕУ и НАТО.
И без коронавирусот, песимизмот и во светот и кај нас е во подем. Поради песимизмот, или таа е причината за песимизмот, сѐ поизвесна е рецесија во добар дел од светот, поважно во делот од светот што влијае на нас во Македонија. „Избори се ближат“ или предвремени избори во 2023 година се основа за надеж за враќање на Македонија во правилна насока.
Авторот е аналитичар