Фото: М.М.

Согласно Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух (Службен весник на Република Македонија бр.183 од 14.12. 2017) во кој е дефиниран прагот на информирање за суспендирани честички со големина од десет микрометри (ПМ10) надминување на вредноста од 100 микрограми на метар кубен во текот на два последователни денови и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, тој е надминат во мерната станица Битола 2.
Имајќи ги предвид добиените информации, општина Битола апелира до граѓаните да ги применат и поддржат препораките на Министерството за животна средина и просторно планирање:
– да се користи јавниот превоз
– возилата да не се користат без поголема потреба
– да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ-амбалажа, парчиња гума или било кој друг синтетички материјал
– правилно да се користат печките на дрва.
Исто така, потребно е да се почитуваат препораките на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје:
– да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцево садовен систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот
– покрај ова, се препорачува земање на витамини (антиоксиданси), главно преку исхраната (свеж сезонски зеленчук и овошје), по потреба и додатоци односно суплементи
– хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија од матичните лекари и да се придржуваат до препорачаниот диететски режим со намален внес на масна и солена храна.
Општина Битола, покрај дадените препораки ја известува јавноста дека, од минатата година започна со активности за реализација на долгорочните мерки, кои треба да ја подобрат состојбата со квалитетот на воздухот, за што: за првпат изработен е зелен катастар и даден за имплементација на ЈП Комуналец, извршено е ажурирање на катастар на загадувачи за што деновиве ќе се зголемат инспекциските контроли, исто така, изработен е План за заштита на амбиенталниот воздух, чие имплементирање ќе започне од оваа година, а во тек е изработката на Локален еколошки акционен план и Програма за енергетска ефикасност, a се работи и проектна документација за подобрување на енергетската ефикасност на јавните институции во надлежност на општината. Неподготвеноста на ваква стратешка документација, во досегашниот период оневозможи да бидат преземени конкретни чекори за намалување на загаденоста на воздухот.
Како дополнителни мерки, се продолжува со зачестено миење на улиците во утринските и вечерните часови.
Општина Битола, апелира до граѓаните да ги почитуваат обврските преземени со добиените субвенционирања од општината за набавка на инвертер клима уреди.
Покрај наведените активности, попладнево е закажан и состанок на општинскиот штаб за заштита и спасување.
М.М.