Препораки за исхраната, учеството во сообраќајот, како и за опасностите од користење пиротехнички материјали упатија надлежните институции во пресрет на празниците.
Службата за Итна медицинска помош препорачува редовно земање терапија кај хроничните болни, да се внимава со внес на храна кај оние лица кои се придржувале на Божиќниот пост, умерено користење на алкохолни пијалаци како би се избегнале несаканите последици-алкохолни труења, тепачки и сообраќајни незгоди. Посебно се апелира до младата и малолетна популација за некористење на алкохолни пијалаци заради нискиот праг на толеранција кон алкохолот. Се апелира и на воздржаност од користење разни пиротехнички средства и огнострелно оружје заради избегнување несакани повреди, изгореници и други потешки последици.
За време на новогодишните празници ЈЗУ „Здравствен дом на Скопје“ ќе се грижи за состојбата на граѓаните во текот на 24 часа.
Во Поликлиника Букурешт денеска ќе бидат дежурни специјалистичките служби од 8 до 16 часот. На новогодишната ноќ достапни ќе бидат дежурните ординации за здравствена заштита во трета смена, недела и празници во поликлиниките Јане Сандански, Чаир, Ченто, Шуто Оризари,Ѓорче Петров, Драчево и Бит Пазар, информираат од Здравствениот дом на Скопје. Исто така, со секојдневното работно време информираат дека ќе функционира и единицата за домашно лекување, информира Здравствен дом Скопје.
Препораки упати и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) со оглед на поголемата раздвиженост на луѓето и почестите патувања, односно поголемиот број возила во сообраќајот на патиштата, но и пониските температури и лизгавите коловози.
За избегнување несакани ситуации во сообраќајот РСБСП на возачите им препорачува да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, да не конзумираат алкохол кога управуваат со моторно возило, да не користат автомобил доколку немаат потреба за тоа, да ја почитуваат пропишаната брзина, да внимаваат на зимските услови за возење, да управуваат технички исправно возило, да не користат мобилен телефон додека возат, да користат сигурносен појас, да одржуваат растојание помеѓу возилата и слично.